Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

СДСМ: Една година од мандатот на актуелната локална власт, многу ветувања, многу очекувања, никаква реализација

Охрид, 8. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Измина една година од преземањето на мандатот на актуелната локална власт. Многу ветувања, многу очекувања, никаква реализација, порача на денешната прес конференција претседателката на ОО на СДСМ од Охрид Кристина Крлеска- Деспотоска.

– Ако по утрото денот се познава, промените нема да донесат светла иднина за охриѓани. Зад нас останува година на многу протоколарни средби. Никаква реализација на ветените проекти за развој на градот и подобро живеење за сите. Во недостиг на проекти ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот Пецаков го направија она што најдобро знаат да го прават: манипулација, популизам и евтина пропаганда. Затоа и отчетноста на Пецаков беше далеку од очите на Охриѓани, далеку од оние кои му ја дадоа довербата. Оваа локална власт не работи за граѓаните и не одговара пред граѓаните. Одговара само пред својот лидер – Мицкоски.
Да го потсетиме Пецаков дека е избран од народот. Почитувани граѓани, да се потсетиме на дел од проектите што ги ветуваше Пецаков во неговата изборна програма: – Две катни гаражи, партерно уредување на плоштадите Крушевска Република и Св. Климент Охридски, адреналински парк, градски систем за велосипеди, велосипедската патека Охрид-Св. Стефан. Се уште го очекуваме денот кога ќе завршат градежните активности на Булевар „Македонски Просветители“. Ве потсетувам, според ветувањето на Пецаков, градежните активности, требаше да завршат на 1-ви јуни. Сосема е неизвесна реконструкцијата на улица „Гоце Делчев“ за чија реализација Пецаков затекна готов проект со обезбедени средства од Владата.
Ако Градоначалникот не може да реализира готови проекти, можеме ли да очекуваме да реализира сопствен проект, потенцираа од партијата.

Доадваат дека и тоа што беше направено Пецаков дозволи да се уништи и дека граѓаните биле сведоци на пропаѓањето и уништувањето на една од најубавите улици во Охрид, улицата „АСНОМ”.

– Наместо ослободување на „Кеј Македонија“ од сите неадекватни содржини, граѓаните ова лето беа сведоци на контролиран хаос и панаѓур со сите нишани во строгиот центар на градот, вети развивање на зелена агенда со зголемување на зелените појаси во општината. Даде збор дека за секое исечено дрво ќе бидат засадени 5 нови дрва во рок од 5 дена. Поминаа 365 дена, вети патеки за слепи, беспатен јавен превоз за лица со посебни потреби и бесплатни линии на јавен превоз за сите пензионери во одредени денови од неделата. Наместо бесплатен јавен превоз за одредени категотии граѓани, денес имаме поскап превоз за сите. Ветуваа поквалитетна вода за пиење, но граѓаните беа сведоци на чести повеќедневни прекини со водоснабдување во голем дел од населените места. Сите овие ветувања останаа само на хартија. Мнозинството во Советот на предлог на Градоначалникот носеше одлуки со кои во Буџетот ги скрати безмалку сите средства предвидени за капитални инвестиции. Факт е дека јавните претпријатија или најголем број од нив се во незавидна финансиска состојба. Апсолутно е неоправдано да се примаат нови вработени, а да се зголемуваат цените на услугите. Се заложуваше и ветуваше борба против дивоградбите и почитување на препораките за зачувување на статусот на УНЕСКО. Дали повеќе нема диви градби или можеби нема правосилни и извршни решенија за отстарнување на бесправно изградени објекти, или можеби УНЕСКО повеќе не претставува приоритет за Градоначалникот. Во врска со долгот на Општина Охрид во секоја нова изјава на Градоначалникот слушавме нови бројки: 10 милиони, 14 милиони, 22 милиони евра. Колку е долгот на Општина Охрид? Кој може да поверува на вакви паушални и несериозни изјави. Локалната власт во најголем дел од првата година од својот мандат времето го потроши во прозивки и неосновани обвинувања на адреса на претходната локална власт однесувајќи се како опозиција, а останатиот дел од својот мандат во прозивки кон Владата криејќи ја својата неспособност. Измина година во знакот на манифестации, фестивали и протоколарни средби, манипулација и популизам. Граѓаните го очекуваат реализирањето на ветеното. Нека не биде ќе направам, да направат, порачаа од СДСМ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука