
ВМРО-ДПМНЕ: Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ направија многу повеќе за една година, отколку СДСМ за четири
Охрид, 8. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Кристина Крлеска- Деспотоска се дрзна да ја критикува локалната власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот д-р Кирил Пецаков откако СДСМ залудно потроши четири години исполнети со неработа, неспособност и лаги, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ по изнесеното на денешната прес конференција на ОО на СДСМ од Охрид.
– Охриѓани ги гледаат и чувствуваат промените, само одредени партиски послушници на СДСМ никако да се соочат со вистинската реалност. Штом веќе ги тргнале розовите наочари да им ја освежиме меморијата и да ги потсетиме и запрашаме: Кои катни гаражи и ликови на плоштадите ги бараат, тие кои за 4 години не ги направија? Но, нека не се грижат ние сме тука за да градиме и реализираме, за разлика од нив кои единствено беа експерти за бројните дивоградби и загрозувањето на статусот на Охрид под УНЕСКО. Градоначалникот Пецаков работи за подобар Охрид и мнозинството во Советот носи одлуки за доброто на сите охриѓани и транспарентно ги троши средствата од Буџетот. За една година долговите кои ги остави криминалната власт на СДСМ се исплаќаат без воопшто да не се генерираат нови. Вложено е посебно внимание на условите во кои работат училиштата и спроведени се инвестиции во сите училишта кои за првпат немаат никаков долг. За првпат првачињата добија по 3.000 денари, за лицата со ретки болести и посебни потреби се обезбедија стипендии, како и образовен додаток по 6.000 денари за студенти од семејства со социјален ризик, стои во реакцијата.
Додаваат дека е отворен Младински центар, прв во Македонија.
– Велгошти добива повеќенаменско игралиште. Санирани се и реконструирани детски игралишта на повеќе локации, а огромна финансиска поддршка се дава на спортски настани, клубови, манифестации и спортисти, како и на културни манифестации, здруженија и настани. Булеварот „Македонски просветители“ донесе автентичен лик на централното подрачје, реконструирани се улиците „Момчило Јорданоски“, „Прилепска“, „Будва“, асфалтирани се повеќе улици низ општината, извршена е санација на потпорни ѕидови и поплочување. Реконструкција на водоводна линија на улиците „Ѓорче Петров“, „Ирина Мирка Гинова“, „Бранко Шотра“, нов цевковод во Шипокно и уште многу проекти за осовременување на водоводната мрежа. Нова фекална канализација на „Будва“, „Винковачка“, „Живко Чинго“, во село Лескоец и уште многу инвестиции за подобрување на системот за отпадни води.
Постигнатите резултати на јавните претпријатија доволно зборуваат за грижата кон охриѓани и Охрид. Од партиски популизам и поигрување со националните чувства и понижување на Македонците друго ништо повеќе не знае СДСМ. Нека гледаат и учат како се работи, како се реализираат проекти и како се сака Охрид со дела, стои во реакцијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |