Избор Општина Дебрца ТОП ВЕСТИ

Годишнина од формирањето на Првата Македонско-косовска ударна бригада

Дебрца, 11. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележаа 79 години од формирањето на Првата Македонско-косовска народно ослободителна ударна пролетерска бригада и патронатот на ОУ „Дебрца“.

Утрово беше положено свежо цвеќе на споменикот во селото Сливово, во организација на Сојузот на борци и Општина Дебрца.

– Денес со историски час ја одбележавме 79 годишнината од формирањето на Првата македонско-косовска ударна бригада, на 11-ти ноември 1943 година во селото Сливово и патронатот на ООУ „Дебрца“. Македонија е држава која е родена на придобивките на НОБ, бидејќи создавањето на АСНОМ во 1944 година практично претставува остварување на вековните идеали на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност. Тие придобивки во голема мера се исковани во Дебрца, првата слободна територија во НОБ, која жестоко се спротивставила на фашизмот преку плејада на македонски граѓани кои заеднички се бореле против фашизмот. Затоа, наша и на идните генерации света должност е тие придобивки да ги чуваме и негуваме, бидејќи на тој начин си ја чуваме државата, порача градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески.

Првата Македонско-косовска народно ослободителна ударна пролетерска бригада е формирана на 11-ти ноември 1943 година во охридското село Сливово. Бригадата броела околу 700 борци од баталјонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, Првиот косовско-метохиски баталјон „Рамиз Садику“ и вториот Косовско-метохиски баталјон „Боро Вукмировиќ“.

Со видео обраќање од учениците и наставниците, ООУ „Дебрца“ денеска го прослави патрониот празник. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука