ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Иваноски: Во ГРК „Охрид“ стекнав големо искуство, моментално РК „Алкалоид“ е одлична средина за мене

Охрид, 14. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Младиот охриѓанец и голем спортски потенцијал Михаил Иваноски со ракомет се занимава од седум годишна возраст.

Игра на позиција десен бек, а тајните на ракометот ги откриваше во школите на ГРК „Охрид“, одреден период беше првотимец во клубот, а сега игра за РК „Алкалоид“. Беше дел од македонската кадетска репрезентација, а сега веќе очекува да биде дел од сениорите.

Во интервју за Супер радио и OhridPress со Иваноски поразговаравме за досегашната играчка кариера, за ракометните идоли и за неговите планови во иднина.

Супер радио: За оние кои не те познаваат, кој е Михаил Иваноски и на колку години почна да тренираш ракомет?

Иваноски: Јас сум Михаил Иваноски, имам 20 години, се занимавам со ракомет од 7 годишна возраст. Татко ми како млад се занимавал со ракомет и тој ми ја пренесе желбата за ракомет. Тој прв пат ме однесе во сала и така почна сé.

Нема достапен опис

Супер радио: Ракометниот пат започна да го трасираш во редовите на ГРК „Охрид“.

Иваноски: Како што кажав, татко ми ме однесе да тренирам во школите на РК „Охрид“. Бев меѓу првите кои почнаа да тренираат и тренирав долго време, до 18-19 години. Сé се одвиваше одлично, бев префрлен и во првата екипа на Охрид, тренирав со професионалци и тоа ми даде едно големо искуство.

Нема достапен опис

Супер радио: Беше дел од ГРК „Охрид“, а сега играш во РК „Алкалоид“ на позицијата десен бек. Сподели ги со нас искуствата што ги стекна во охридскиот клуб и овој каде си сега.

Иваноски: РК „Охрид“ ми даде сé, ми ги даде сите знаења, искуства што понатаму треба да ги пренесам во играчката кариера, а од друга страна „Алкалоид“ е клуб кој мислам дека е еден од најдобрите во Македонија, се работи на високо професионално ниво и мислам дека тоа е еден од правилните чекори што сум ги направил досега.

Супер радио: Предводник на скопски „Алкалоид“ е нашата ракометна легенда Кирил Лазаров. Дали можеби тој ти бил идол или имаш и други?

Иваноски: Кој што започнал со ракомет сигурно дека го гледал Кирил Лазаров и на сите подеднакво нѝ е идол. Конкретно немам идол, се обидувам од сите по малку да „украдам“, од сите сфери на спортот не само од ракометот, бидејќи сите си имаат нешто посебно и тоа кога ќе се склопи во целина доаѓа до перфекција.

Нема достапен опис

Супер радио: Михаил, ти имаш и репрезентативно искуство, беше дел од македонската кадетска репрезентација.

Иваноски: Така, минатата година бев дел од македонската кадетска репрезентација за Европскиот шампионат што се играше во Скопје, освоивме второ место, оваа година бевме со младинска репрезентација во Бугарија, исто на Европски шампионат, каде завршивме на петто место и за прв пат дебитирав за репрезентација на Медитеранските игри во Алжир ова лето, таму завршивме на четврто место. Сега очекувам повик за сениорската репрезентација.

Супер радио: Беше во охридскиот ракометен клуб, сега си во „Алкалоид“. Кои се твоите планови во иднина, дали се гледаш како играч на некој поголем клуб и кој би бил тоа?

Иваноски: Договорот во „Алкалоид“ ми е до 2025 година. Засега мислам дека овој клуб моментално е одлична средина за мене, каде можам да играм и да напредувам. Не знам, ако некогаш ми се пружа шанса, кога ќе мислам дека е вистинско време да заминам од тука, би се осудил на тоа, сега не размислувам за ништо, сконцентриран сум на „Алкалоид“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/Be1

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука