Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Ќе се реновира охридскиот студентски дом „Никола Карев”

Охрид, 17. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот студентски дом „Никола Карев“ е меѓу домовите кои се опфатени во проектот вреден 20 милиони евра и ќе се реновираат во текот на 2023 година.

Проектот ќе стартува со „Стив Наумов” во Скопје, каде што условите се најлоши, а ќе се спроведува во три фази во текот на наредните три години. Акцискиот план на Министерството за образование и наука денеска беше претставен на средба со студенти и пратеници во Собранието. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред почетокот на средбата изјави дека очекува првата фаза за реновирање на неколку домови да почне во јануари-февруари.

– МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови во нашата земја. Проектот е вреден 20 милиони евра и ги опфаќа студентските домови: „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Гоце Делчев“, „Томе Стефановски-Сениќ“ и „Пелагонија“ во Скопје, „Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“ во Битола, „Браќа Миладиновци“ во Штип и „Никола Карев“ во Охрид, истакна Шаќири.

Во рамките на првата фаза, од почетокот на 2023 се очекува да стартуваат градежните работи и, според Акцискиот план, во двете наредни години ќе бидат распределени, во втора и трета фаза, студентските домови што ќе бидат реновирани.

– Има поминато три фази во одобрувањето на компанијата и е одредено што да почне да се работи, го очекуваме што побргу крајното одобрение за да почнат градежните работи. Во наредната година, според фазите, се на ред други домови и во третата година – трета фаза се последните студентски домови, додаде Шаќири. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука