Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Ризичните групи граѓани се вакцинираат против сезонски грип, за комерцијална вакцинација интересот многу мал

Охрид, 18. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Ризичните групи граѓани во Охрид покажуват голем интерес и се имунизираат со бесплатната вакцина против сезонски грип, додека за комерцијална вакцинација интересот е мал.

Во охридскиот Центар за јавно здравје во тек е имунизацијата против сезонски грип што започна на 19-ти октомври.

Епидемиологот д-р Јованка Стурлакова Коровешовска за Супер радио и OhridPress вели дека за бесплатната вакцинација, наменета за граѓаните кои спаѓаат во ризичните категории, интересот е голем. На почетокот лицата не добивале пораки за термин, па доаѓаат одложено да примат доза. Во секој случај, вели таа, оние кои сметаат дека добиле потврден одговор за успешна апликација на страницата vakcinacija.mk. треба да дојдат и да се вакцинираат.

– Има луѓе кои чекаат порака, а веќе им е изминат периодот, аплицирале во почетокот на страната. Првите 5-6 дена не добиваа пораки и сега дополнително доаѓаат, некои сами доаѓаат прашуваат. Грешката најверојатно ја прават во апликацијата, треба телефонскиот број да евнесен споено, без празни места или знаци. Дел од матичните лекари групно ги пријавија пациентите и ги известуваа и се вакцинираа. Досега во три наврати добивме дози за бесплатна имунизација, ако има потреба може да дополниме количини. Голем е интересот, лицата од ризични групи доаѓаат, но за комерцијални е многу мал интерес, мала бројка околу 40 вакцини се дадени досега, вели д-р Стурлакова Коровешовска.

Започнува бесплатното вакцинирање против сезонски грип во Охрид

Пријавувањето на vakcinacija.mk и понатаму трае. Епидемиологот д-р Стурлакова Коровешовска апелира до сите оние кои се пријавиле на страната и добиле потврда за успешна апликација, иако немаат порака за термин, да дојдат во Центарот за јавно здравје да ги проверат во список и да бидат вакцинирани.

Годинава може пациентите од друг град да се вакцинираат против грип во Охрид и обратно.

Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Вакцинацијата против сезонски грип, што е незадолжителна, е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука