Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Ковачевски од Струга и Охрид: Обезбедуваме антикризни мерки и услови за работа на компаниите во време на криза

Струга/Охрид, 19. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Обезбедуваме антикризни мерки и услови за работа на компаниите во време на криза, нивниот развој значи стабилна економија, порача претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски кој денеска престојува во посета на Струга и Охрид.

Во Струга тој ја посети фабриката за преработка на свежо месо „Подгорка“, која во услови на тешка енергетска криза успеа да ги намали трошоците за струја благодарение на навремената инвестиција во сопствена фотонапонска централа. Премиерот Ковачевски ги охрабри и останатите компании во земјава да го следат овој позитивен пример со што сите заеднички ќе обезбедиме побрза зелена транзиција на земјата, но и ќе ја намалиме енергетската зависност.

– Она што овде е направено е навистина од врвен светски квалитет, фабрика која што е направена по сите стандарди и која што е резултат на знаењето на нашите граѓани тука кои што работат во државата и секако на поддршката која што ја добија и од Владата и од европските фондови. „Подгорка“ е компанија која во услови на три годишна криза успешно се развива, расте и инвестира. Тоа е затоа што има добро менаџирање, но и визија и развој и секако со поддршка и услови за работа обезбедени од државата нема да има за нив недостижни цели, истакна Ковачевски.

Додаде дека со одговорното менаџирање на буџетот Владата успеала да обезбеди антикризни мерки со кои што им се помага и на граѓаните и компаниите за задржување на нивната ликвидност.

– Токму на тој начин успеавме во текот на оваа година да обезбедиме пакет од 760 милиони евра поддршка за најранливите категории на граѓани, но и поддршка за компаниите во државата за да ја обезбедиме нивната ликвидност. Субвенционираме 80% од цената на електричната енергија за граѓаните и за малите компании кои вработуваат 98% од работниците во државата, што значи дека доколку не е таа субвенција сметките за електрична енергија би биле поголеми за 5 пати од тоа што граѓаните го плаќаат. Со последните мерки за обезбедување на електрична енергија и драго ми е што тоа го препознава и директорот на оваа компанија обезбедуваме многукратно поевтина електрична енергија за компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи, и со тоа очекуваме намалување на 10 проценти, најмалку 10 проценти на основните прехранбени производи, сите веќе сте сведоци дека дел од производите почнаа да се намалува цената, меѓутоа тоа ќе следи и кај другите, потенцираше премиерот Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Охрид ја посети и фабриката за производство на печурки „Органска Буковка“, која со користење на успешни владини мерки и средства од Фондот за иновации и развој успеа да развие целосно нов иновативен производ, но и да обезбеди целосно покривање со електрична енергија од фотонапонска централа инсталирана исто така со средства од ФИТР. Оваа компанија има инсталирано фотонапонска централа од 30 киловати со кои сега во услови на силна енергетска криза целосно ја покриваат потребата од електрична енергија на производството кое е 100% зависно од струја, односно е голем потрошувач.

– Обновливите извори на енергија се нашата иднина. Ние како земја имаме ресурси, имаме сонце, вода, плодна почва. Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска независност, но и да го снабдуваме регионот со струја од обновливи избори. Како Влада силно сме посветени на долгорочниот правец на државата за енергетска трансформација. Затоа и резултатите се видливи. Само во мојот мандат, во мандатот од оваа Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата. Во моментов во фаза на финализирање се неколку договори за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна електрана и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција, порача Премиерот од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука