ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Автопатот Кичево-Охрид ќе се отвори во јануари 2024 година

Охрид, 20. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Автопатот Кичево-Охрид ќе се заврши до јануари 2024 година. Овој проект е од важно државно значење, но особено е важен за охридскиот регион, за развој на туризмот и економијата, порача синоќа од трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Охрид премиерот на Република Макеоднија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Тој напомена дека оваа делница е пример за тоа дека наследените проблеми се одглавуваат.

– Недозволиво е со години проект да се реализира, тоа мора да го менуваме и го промениме. Затоа вчера бев на увид на градежните работи. Се гледа дека конечно нешто се работи, има напредок. Но, реков таму, ќе повторам и овде, роковите да се почитуваат и да се заврши целиот проект до јануари 2024 година, изјави премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека туризмот како значајна гранка за Охрид може својот пик да го достигне само преку политиките на интеграција и соработка.

– Преку иницијативата „Отворен Балкан“ и јакнењето на регионалната соработка дополнително го стимулираме туризмот и ги промовираме нашите национални богатства интересни за туристите, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека со интегрирањето во Европската Унија ќе се овозможи на идните млади македонски генерации да им се обезбеди подобра иднина, да се развиваат и да создаваат подобро утре дома, а не во некоја туѓа земја. (Крај)

извор: Либертас/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука