ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Билјанини извори, препознатливиот симбол на Охрид и понатаму без вода

Охрид, 22. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Билјанини извори, еден од најпрепознатливите симболи на Охрид и понатаму без вода.

И додека во месец јули беше поплавен паркот пред познатите извори, сега од нив воопшто не тече вода. Идентична состојба во овој период имаше и минатата година.

Покрај познатите проблеми со Преспанското, и Охридското Езеро периодов наназад е со намален водостој. Според последните мерења на на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) нивото е на кота од 693,14 м.н.в, што е за 12 сантиметри под просекот за ноември (693,26 м.н.в).

Локалитетот „Билјанини извори“ охриѓани често го нарекуваат и душата на градот. Бројни посетители, домашни и странски се определуваат токму за посета на изворите, а локалитетот е една од најголемите препознатливости на древниот град под Самуиловата тврдина. Ова место го користат за да пешачат и да се релаксираат, како и да избегаат од гужвата која владее во центарот на градот.

Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото – Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичица, избива на повеќе места во вид на силни извори – врутоци покрај источниот брег. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука