Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид домаќин на Меѓународна конференција посветена на балканската предисторија

Охрид, 22. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од 25-ти до 27-ми ноември во Охрид ќе се одржи Меѓународната конференција „Prehistory in the Balkans“.

Ова ќе биде финален настан од проектот на Центарот за истражување на предисторијата од Скопје, Институтот за археологија од Тирана и Филозофскиот факултет од Белград и кој претставува прва заедничка соработка меѓу македонски, албански и српски археолози.

Овогодишното осмо издание на конференцијата се организира во рамки на меѓународниот проект Common Cultural Heritage, на која студенти и стручњаци ќе ги презентираат стекнатите сознанија за време на проектот и воедно ќе приложат нови перспективи за предисторијата во Србија, Албанија и Македонија.

Во рамки на проектот стручњаци и студенти работеа заедно на неолитските локалитети Влахо во Македонија, Поградец во Албанија и Винча во Србија, каде што освен усовршувањето на методите на истражување, ги следеа и предисториските врски меѓу заедниците кои живееле на овие простори пред повеќе илјади години.

– Ваквиот пристап во проектот овозможува создавање на нова генерација стручњаци кои потемелно ќе ја проучуваат поврзаноста меѓу предисториските општества и тоа надвор од границите на денешните држави. На тој начин се придонесува кон посилно вмрежување на повеќе генерации археолози кои претходно поради политичките бариери не соработуваа меѓу себе, информираат организаторите.

Во рамки на проектот се подготви брошура и промотивен материјал во кој се сумирани резултатите од взаемната соработка меѓу македонските, албанските и српските археолози, а кои ќе бидат достапни на веб сајтот на Центарот за истражување на предисторијата после одржувањето на конференцијата.

Проектот „Common Cultural Heritage: interregional research and prehistoric dialogues“ е финансиски подржан од Фондот на Западен Балкан и Европската Унија во состав на Joint Regional Grant Scheme, како дел од програмата IPA (Instrument for Pre-Accession). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Раул Сотерас

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука