ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

По последниот инцидент, утрово повторно ја нема таблата на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид

Охрид, 24. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – По последниот инцидент, утрово повторно ја нема таблата на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, јавуваат репортерите на Супер радио и OhridPress.

Од СВР Охрид преку официјално соопштение информираат дека н 23-ти ноември 2022 година, во 19:12 часот во СВР Охрид било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на Здружението „Цар Борис III“, лоцирана на булевар „Македонски просветители“ во склоп на ТЦ „Амам“ во Охрид.

– Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што,  утврдено е дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје, информираат од Секторот.

Од Министерството за надворешни работи на Република Македонија најстрого го осудија „вандалскиот чин“, кога, меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид.

– Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава, се наведува во реакцијата за МНР.

Реагираа и од бугарското МНР од каде остро го осудуваат оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис III“ во Охрид.

– Таквите постапки намерно ги попречуваат напорите за воспоставување пријателство, добрососедство и соработка како водечки принципи во односите меѓу двете држави, соопштија од МНР на Бугарија.

Според нив, имињата на бугарските клубови не се причина за таа кампања и потенцираат дека „лидерот на најголемата опозициска партија во Скопје веќе отворено повикува на итно затворање на бугарските клубови само затоа што се бугарски, без разлика како се нарекуваат“.

– Убедени сме дека македонското Министерство за надворешни работи ќе има навремена и соодветна реакција на она што се случи, се наведува во ставот.

Реакцијата на властите на овој и на другите случаи на криминал од омраза ќе биде показател за сериозноста што Владата во Скопје ја придава на градењето добрососедски односи и на процесот на пристапување во ЕУ, соопштија од МНР на Бугарија.

Македонската амбасадорка во Бугарија Агнеса Руси-Поповска денеска во Софија ќе биде повикана во тамошното Министерството за надворешни работи и ќе ѝ биде врачен остар демарш по повод вооружениот напад на бугарскиот културен клуб „Цар Борис III“ во Охрид, јавуваат бугарските медиуми.

Ова е трет пат како се врши оштетување на овој објект. Пред само три дена беа искршени стаклата на влезот од просториите во кои се наоѓа клубот, а беше оштетена и светлечката реклама, која беше искршена и во претходниот напад.

Клубот „Цар Борис III“ беше отворен на 7-ми октомври 2022 година во Охрид од страна на Здружението кое го носи истото име, а беше формирано претходно. Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде се наоѓа, беше организиран протест, кој помина без инциденти иако на моменти атмосферата беше тензична. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука