Избор ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Студентите од денес може да аплицираат на повикот за субвенциониран студентски оброк

Скопје/Охрид, 25. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Студентите од денес може да аплицираат на повикот за субвенциониран студентски оброк што подразбира добивање на месечен паричен надоместок од околу 2.400 денари за 9 месеци во годината.

Пријавување за тековните студенти е до 3-ти декември 2022 година.

Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Македонија.

Притоа, апликантите треба: да не се во редовен работен однос; да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк, а од министерството апелираат да се погледне и документот – насоки за внесување на трансакциска сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк
МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.

По завршување на рокот за пријавување, секој апликант од страна на МОН ќе биде известен за статусот на пријавата по електронски пат. Годинава, исплатата ќе се реализира ретроактивно за периодот од 15-ти септември.
МОН обезбедува и непосредна поддршка за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк преку Секторот за ученички и студентски стандард преку следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.

Финансиската поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1-ви јули до 14-ти септември. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука