Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Викендов прв Конгрес на македонските нуркачи во Охрид

Охрид, 1. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Викендов, 3-ти и 4-ти декември, Охрид ќе биде домаќин на првиот Конгрес на нуркачи во Република Македонија, во организација на клубот за подводни дејности „Охрид“.

– Конгресот има за цел размена на искуства, проблеми, замки и трикови во нуркањето, како и соработка помеѓу клубовите и Центрите, но и барање на насоки што може да се направи за иднината на нуркањето во Република Македонија. Сите учесници на Конгресот, преку 15 минутни излагања, ќе можат да го претстават својот клуб, но и искуства од нуркањата. На Конгресот се поканети сите нуркачи, без оглед на тоа на која Асоцијација припаѓаат или во кој Центар или клуб членуваат, порачуваат организаторите.

Додаваат дека нивна заложба е оваа идеја за комуникација, начин на соработка и дружење да продолжи и во иднина, и дека на овој начин ќе се подигне знаењето, организираноста и безбедноста кај македонските нуркачи на повисоко ниво.

Конгресот ќе биде отворен в сабота, во големата сала на општина Охрид, каде пред присутните ќе се обрати и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. За в недела предвидено е нуркање и еколошка акција на Градското пристаниште во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука