Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Блажески: Намален е бројот на хотели што ќе имаат организирана прослава за Нова година, преполовен и интересот кај посетителите во однос на лани

Охрид, 2. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – На помалку од еден месец до Нова година, намален е бројот на хотелски капацитети што ќе организираат прослава за празниците.

Енергетската и економската криза се одразува и во овој сектор, може понегативно од корона пандемијата. Првиот човек на ХОТАМ, Крсте Блажески во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека капацитетите за дочек на Нова година се половина од минатата година, многу хотели затвораат и нема да имаат организиран дочек на најлудата ноќ.

– И интересот е намален бидејќи цените се доста покачени од ланската година, со оглед на тоа што енергијата ни е многу покачена платите се покачени и цените на сите продукти се повисоки. Новата цена што е дадена не е воопшто ни блиску колку што треба да биде со новите поскапувања. Едноставно и со ниски цени нема доволно интерес, така што дел од хотелиерите како поисплатливо одлучуваат да го затворат капацитетот отколку да работат, потенцира Блажевски.

Додава дека градот нема да се затвори, хотелите во централното градско подрачје ќе работат, а ќе има веселби по рестораните, кафе баровите и ноќните клубови. Сепак додава дека целата ситуација влијае на конкурентноста на дестинацијата, па ќе биде преполовен бројот на посетители споредено со минатата година.

Како што неодамна најави градоначалникот д-р Кирил Пецаков, Охрид ќе биде украсен за новогодишните празници, а нема да изостане и прославата на Градскиот плоштад. И покрај кризата, тој е дециден дека Охрид е туристички град и дека нема да трпи ниту украсувањето, ниту забавата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука