Избор Култура Охрид

Бранкица и Дарко Бошнакоски: Градиме комплементарен однос кон фотографијата и филозофијата

Охрид, 19. јуни 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓаните Дарко и Бранкица Бошакоски се брат и сестра, кои покрај останатото делат и иста љубов кон естетското – уметничката и дигиталната фотографија.

Велат дека секогаш се најдобри критичари еден на друг, се’ со цел поттикнување на креативна енергија. Нивното заедничко хоби е аматерската фотографија. Сакаат да истражуваат, да учат, да се надоградуваат, а оставаат самиот момент да ги понесе кога ќе одлучат дека е време за нова фотографија.

За слушателите на Супер радио и читателите на OhridPress ги откриваат своите визии за овој вид на уметност.

Супер радио: Како повод за овој разговор со слушателите на Супер радио и читателите на ОхридПрес, можеме да ја наведеме наградата која ја освои Дарко на глобалната мрежа за фотографија Pixotto. Во категоријата пејзажна фотографија, жири комисијата ја оцени твојата фотографија како фотографија на денот со пет ѕвезди. Тоа признание сигурно е поттик за да одлучиш дека навистина сакаш да се занимаваш со аматерска фотографија.

Дарко: Конкретно на таа фотографија е сликана стара градба, поточно стар напуштен замок во Саранда, Албанија. Самиот пристап беше неочекуван, не планирав да ја фотографирам таа градба, бидејќи имаше ветар. Меѓу сите фотографии кои ги направив додека престојував таму, испадна токму таа случајна фотографија да се издвојува од другите. Самата експозиција се постави како комплетна. Пред околу еден месец ја објавив на online натпреварот на Pixotto, каде што има одредени категории. Прво беше прогласена за фотографија на денот, потоа фотографија на три дена и на крај фотографија на неделата.

darkonagradenafotografija

Дарко – наградена фотографија

Супер радио: Брат и сестра, Дарко и Бранкица Бошнакоски, делите иста пасија – фотографијата. Засега Ви претставува хоби, занимавање со аматерска фотографија. Заедничка ли беше одлуката да започнете да се занимавате со фотографирање?

Бранкица: Добро, јас прво почнав со сликање. Сликам уште од мала возраст. Со фотографија почнав да се занимавам спонтано, аматерска фотографија е тоа сепак, но ме интересира. Јас почнав да го работам тоа нешто подоцна. Брат ми прв почна со фотографијата. Тој е личност кој е доста заинтересиран за филмови, јас му предложив, бидејќи има развиено чувство за кадар, да се обиде да работи нешто со фотографија.

Дарко: Како еден креативен наплив, мотив и поддршка од страна на сестра ми да се занимавам со аматерска фотографија, тоа можеби беше и пресуден момент да започнам да се занимавам со тоа. За разлика од сестра ми која се занимава со уметност, јас сум повеќе по дигиталната уметноста. Откако почнав да се занимавам со фотографија, тоа активно го работам. Сум учествувал на повеќе натпревари преку интернет страниците.

Супер радио: Сигурно би било интересно за луѓето да слушнат самите да објасните што е она што е најкарактеристично за Вашите фотографии?

Бранкица: Бидејќи мене основно занимање ми е сликарството, а потоа се пробав и во фотографија, можам да кажам дека ме интересираат многу работи, уметност воопшто, филозофија… Мислам дека е важна личноста на уметникот пред се’, внатрешното чувство, внатрешната слобода и преку тоа да успееме надворешно да прикажеме она што е во нас. Истото е и со фотографијата со која се занимавам. Иако со фотографија се занимавам кога ќе имам време, за тоа што на прво место ми е сликарството. Најчесто се фотографирам самата себеси или други луѓе, ме интересира играта на сенките, тоналитетот, и што можам да постигнам преку фацијалните црти и изрази на ликот. Ликот мора секогаш да има некоја специфика, која ќе го привлече уметникот да го фотографира.

Дарко: Кај мене најчесто инспирација се мотивите околу Охридското Езеро. Сакам да фотографирам ретка природна убавина од околината. Најголем мотив и инспирација околу таа пејзажна фотографија, ми се и планините, нивната рефлексија во езерото, насочен сум претежно кон планината Галичица. Друг тип на фотографија, исто така е ноќната фотографија, со која исто така се занимавам. Макро фотографијата одвреме-навреме ме инспирира за работа, зависно од расположението. Не се фокусирам многу на урбана или, како што ја нарекуваат street фотографија. Јас повеќе сум ориентиран на фотографија на отворен простор.

Супер радио: Во моментов сепак, каде што разговараме, во овој објект, би можела да ви поставам на двајцата еден предизвик. Овде и сега, што би ви го привлекло вниманието за да направите фотографија?

Бранкица: Јас по професија сум ентериерист и веднаш забележувам дека објектот овде има добар ентериер. Па, би направила веројатно еден кадар од собрани луѓе на едно место.

Дарко: Јас иако не сум фотографирал досега нешто во тој стил, но токму во моментов вниманието ми го привлече една обична случка, каде на девојката која ги послужува гостите со пијалоци, за момент ќе и’ испаднеше една ќесичка со шеќерче. Би го фотографирал тој момент.

Супер радио: Повеќе сакате да фотографирате по предходно подготвена режија или спонтано?

Дарко: Што се однесува до мене, а исто така, познавајќи ја сестра ми, мислам дека се однесува и на неа. Знаеме да се ’вооружиме’ со фотоапарати и доколку е погодно времето, да прошетаме. Инспирацијата доаѓа природно сама по себе, од околината, ситуациите. Нема некое строго подготвување кога фотографираме, не правиме посебни сцени, како што е на пример фотографијата за театар, каде сценографијата намерно се подготвува за да се постигне некоја цел на фотографијата, која е применета фотографија. Доколку, пак, е некоја нарачана фотографија или со предходен концепт, од типот на фотосесии, или слично, тогаш би било нешто поосмислено во однос на фотографирањето.

darkofotografija

Дарко – фотографија

Супер радио: Бранкица спомна дека самата се фотографира често. Но, прашањево е наменето за обајцата, колку често знаете да се фотографирате самите себеси, да се фотографирате меѓу себе, или да ги фотографирате вашите блиски (семејство, роднини, пријатели) во една или друга ситуација, или можеби во природен амбиент?

Дарко: Прашањето е како создадено за сестра ми. :) Таа знае да ’украде’ таков момент на фотографирање на луѓето околу неа. Често знае да ме изненади додека сум во некоја ситуација на враќање дома, или слично да ме фотографира.

Бранкица: Се фотографирам често, затоа што се истражувам себеси како уметник. Што можам јас лично да постигнам преку фотографијата, сама како тема на таа фотографија. Да, често ги фотографирам домашните, во некои природни моменти, важно ми е движењето на рацете, насмевката, но тие фотографии најчесто сакам да ги зачувам за себе.

Супер радио: Размислувате ли она што досега го имате реализирано во фотографијата, да го презентирате некаде заеднички?

Дарко: Некој првичен концепт досега не ни паднал на памет, но зошто да не. Но, имаме волја, желба. Кај нас како брат и сестра, имаме комплементарен однос кон фотографијата и филозофијата, се надополнуваме. Јас ќе добијам идеја од неа, па го применувам тоа во фотографијата, а таа ќе добие инспирација од мене, па тоа го применува во уметноста.

Бранкица: Обично знаеме долго да дискутираме на уметнички теми или на филозофски теми, што не исполнува, и не мотивира.

Дарко: Би се надоврзал, дека може на пример, да направиме еден концепт на спој на неколку уметности сликарство, фотографија и применета уметност и тоа да го презентираме. Или би работеле уметници од повеќе области, не мора само ние двајца, туку и уметници од други профили, па би можел да се направи еден креативен културен опус за една слика за уметностите. Има многу уметности и уметници, за кои сметам дека не се доволно афирмирани.

Супер радио: Како оценувате, според кои критериуми што е добра фотографија?

Дарко: Ако се фокусираме на една професионална фотографија, пред се’ и опремата е одлучувачки фактор. Нормално и самиот креативец, авторот, и според мене, тој субјективен светоглед на самиот поединец, кој би го искажал, би го сублимирал на вистински начин, она што го гледа надвор од него. Не да му се допаѓа на поединецот, самиот цебе, или да остане само онаа груба фотографија од копирање на реалноста, што е еден производен процес, механички, туку, сепак фотографијата треба да даде карактеристика, внатрешен импулс од самиот него. Фотографијата, како фотографија, секој би можел да се занимава. На пример, за аматерската фотографија, имало случаи каде со обичен мобилен телефон, се правени прекрасни фотографии, кои освоиле и успеси, награди на натпревари. Кога истата таа фотографија, би била спој на духовното во човекот и со надворешноста, би се добила онаа права експозиција.

Супер радио: Повторно нешто што ве поврзува во фотографијата, е тоа дека и двајцата имате покрај колор, и црно-бели фотографии. Како гледате на таа црно-бела фотографија?

Бранкица: Во последно време имам забележано дека луѓето многу сакаат црно-бела фотографија. Кога направив една моја фотографија црно-бела, добив доста позитивни реакции. Пратив една порака пропратно кога ја поставив таа фотографија. Пораката ја има кажано познат фотограф, а гласи: Кога ги фотографирате луѓето во боја, ги фотографирате нивните облеки, а кога ги фотографирате во црно-бело, тогаш ги фотографирате нивните души. Затоа во последно време црно-белата фотографија многу ме привлекува.

brankicafotografija

Бранкица – фотографија

Дарко: Црно-белата фотографија навидум делува статично, но пост-продукциски кога ќе се обработува, ја добива онаа сакана динамика. Во споредба со дигиталната фотографија, црно-белата фотографија добива повеќенаменска димензија.

Супер радио: Која е најдрагата реакција од околината која сте ја добиле за некоја ваша фотографија? Ако го паметите мигот, фотографијата и личноста која ви реплицирала…

Бранкица: Добро, луѓето обично секогаш го препознаваат тоа што им е убаво. Сум добивала интересни коментари, убави коментари, посебно некој не ми текнува да издвојам. Но, еве ќе издвојам дека на една моја фотографија, еден мој пријател ми реплицираше со извадок од поема на Едгар Алан По.

Дарко: Јас претежно комуницирам со тишината, со сите предмети и тоа го дефинирам како начин на комуницирање меѓу мене и околината. И мене конкретно не ми текнува некој коментар да го издвојам. Најчесто за моите фотографии коментирале луѓе, кои се пронашле во некоја моја фотографија, ги потсетила на нешто, им предизвикала чувства, или ги асоцирала на некои за нив драги моменти, или места.

Супер радио: Каде би сакале во иднина да ве однесе патот на она со што се занимавате, без разлика дали физички или, пак на едно друго ниво на претставување?

Дарко: Некои големи очекувања и побарувања не си поставувам, а наспроти тоа сум имал добри реакции на моите скромни побарувања. Јас сум се’ уште во зародиш со фотографијата, се’ уште учам, се инспирирам. Прво би сакал да се афирмирам на национално ниво, а потоа со Божја промисла, доколку се создадат услови зошто да не и на интернационално ниво, по електронски медиуми, јавни презентирања и слично.

Супер радио: Колку често и на кој начин си давате критики и насоки еден на друг, со цел поттикнување на креативна енергија?

Дарко: Ние двајцата обично сме и самокритични. Но, со сите оние разговори кои ги имаме си даваме насоки, нештата кои ги правиме, да ги провериме самите.

Бранкица: Кога мојот брат ќе обработува некоја фотографија, во околу деведесет проценти ме прашува мене да дадам совет.

Супер радио: Разговорот ве поврза затоа што двајцата сакате фотографија. Додека Бранкица се занимава со сликарство, кое е твојата прва определба. Паметиме дека минатата година имаше изложба „Се викам Црвена“. Кога ти кажува уметникот во тебе дека е време за сликање, а кога за фотографија?

Бранкица: Да, имав изложба пред повеќе од година дена. Концептот, како што вели и самиот наслов ми беше да ја истакнам црвената боја, што е на некој начин мојот идентитет. Сега во моментов работам исто така со црвената боја, но не толку интензивно, не ми е сега толку примарна боја. Сета моја експресија ја истакнувам преку сликањето, ја одразувам преку четка, бои, и најчесто, преку контраст. За порталот ОхридПрес со задоволство ја претставувам една од моите нови слики, која досега не била изложена никаде, не била претставена досега во јавност, па читателите ќе можат да ја видат, а се надевам дека во некоја наредна прилика некаде и ќе биде изложена. Јас чувствувам голем љубов кон животот, кон светот и сакам да го истражувам. Во сите уметности ја барам смислата на човечкото постоење. Инаку многу ме интересира од областа на литературата Достоевски. Десет години го проучувам неговото творештво, ме фасцинираат неговите романи, а ја сакам и филозофијата. Сето тоа ме исполнува. (Крај)

brankicaslika

Бранкица  – слика (масло на платно)

извор: ОхридПрес/М.М. фото: ОхридПрес/Бранкица/Дарко Бошакоски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави