Избор Култура

Триесет дела од италијанскиот уметник Росарио Меле претставени пред охридската публика

Охрид, 19. јуни 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид од синоќа се поставени 30 дела од италијанскиот уметник Росарио Меле. Изложбата беше отворена синоќа, а беше промовирана и неговата книга „Африкански роман“.

Rosariomele1

Според претседателката на здружението „Росарио Меле“, Елена Мишели, уметникот Меле делата ги изработувал според неговата моментална состојба користејќи таканаречени „изгорени хартии“ што ги донел од Африка, а своите дела ги креирал со мешање на тие бои со восок.

– Се трудел да го стопи восокот врз основа на тоа како се чуствува, односно според неговите емоции. Најголемата инспирација ја црпел од неговата моментална состојба и ова техника се родила од неговиот претстој во Африка, појасни Мишели.

Промоторот на книгата „Африкански роман“, Пауло Дондоли посочи дека идеите што ги користел авторот не се обични, туку, како што рече, се длабоки истражувања на нашата најдлабока внатрешност што ја носиме во себе. За да ја истражи длабочината на внатрешноста тој отишол во Африка.

– Во претстојот во Африка, Меле сватил дека уметноста е дел од еволуцијата, нешто повеќе од онаа основната идеја на уметност. Неговата потреба по дуализмот и духовниот дуализам го донела до некои многу загадочни ситуации. Го искажува неговиот двоен сомнеж, „кој сум и каков сум“, кој сум значи како изгледам, а што сум дава осврт на внатрешноста на секој човек, рече Дондоли.

Росарио Меле бил писател, поет, сликар и резбар. Неговите дела ќе бидат достапни за охридската публика до 20-ти јуни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави