Избор Охрид

Пановски: Да ја сочуваме чистотата и автохтоноста на Охридското Езеро

Охрид, 20. јуни 2015 (ОХРИДПРЕС) – Изминуваат 16 години од моментот кога како заеднички Борд за Охридско Езеро во 2000 година се препозна идејата за прогласување на Ден на Охридското Езеро и се донесе одлука тој ден да биде – 21 Јуни, најдолгиот и најосветлениот ден, стои во пораката на Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро, во пресрет на Денот на Охридското Езеро – 21. Јуни.

– Во име на непосредниот интерес на граѓаните кои живеат околу Езерото, организацијата на одбележувањето на денот на Езерото е доделена наизменично на градовите кои лежат на неговиот брег. Со таквото прогласување имавме цел да покажеме дека двете страни имаат волја заеднички да го чуваат Езерото, имавме цел да се подигне јавната свест, да покажеме дека институционално и легистлативно стоиме зад заштита на Езерото, имавме цел да ја создадеме врската меѓу науката, експертизата, политиката и граѓаните за зачувување на ова природно богатство и да го популаризираме Езерото на светската мапа на науката и интересот. Во овие 16 години многу работи, иницијативи, проекти, процеси се спроведени, но низ годините осамнуваа пред нас се нови и нови видови на предизвици. Предизвици кои потенцијално можат да ја земат препознатливоста на нашиот езерски регион, да го осиромашат ендемизмот, да го намалат квалитетот на водите, но и да ја нарушат автохтоноста па со тоа и да ги загубиме основните реткости и вредности заради кои сме и битни на меѓународно ниво. Затоа мора многу посилно и поактивно на маса и во јавност да се изнесуваат еколошките аргументи, студии и оценки за влијанието и заедно со резултатите од мониторингот да помогнат во процесот на донесување на квалитетни одлуки во интерес на сочувување на стабилноста на Езерото, стои во пораката.

Се додава дека е важно тоа што Охридското езеро е старо, можеби едно од најстарите, но многу поважно од тоа е уште колку долго ќе го сочуваме во иднина со својата чистота и автохтоност.

– Впрочем, тие се вредностите кои се точки на интересот на туристите и на светската јавност за Охридскиот регион. Ваквиот Ден на Езерото бара и да ги сочуваме засекогаш, информира Дејан Пановски, македонски преставник во Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското Езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави