Избор

Вкупно 34 ангажирани во охридската градинка добија решенија на неопределено време

Охрид, 26. јуни 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во централната детска градинка „Јасна Ристеска“ денеска им беа доделени решенија за редовен работен однос на неопределено работно време на 34 ангажирани лица чиј статус досега бил регулиран со договор на дело или со волонтерски договори.

Како што истакна директорката на градинката Розе Костеска овој ден е голем не само за вработените, туку и за целата институција бидејќи градинката добива задоволителен број вработени кои ќе се грижат за децата.

– Денешниот ден е голем празник за охридската градинка во кој што 34 вработени во нашата градинка ангажирани по договор на дело преку агенција за времени вработувања денес ги добиваат решенијата според Законот за трансформација во редовен работен однос, рече Костеска.

Вработените кои добија решенија на неопределено, велат дека конечно имаат иднина и шанса да напредуваат.

– Вакво решение некои од нас чекаа повеќе од пет, десет или дванаесет години. Овој ден е најсреќен ден за сите нас, изјави Жаклина Јованоска која денес го доби решението за трансформација на нејзиниот работен статус.

Вработувањето на ангажираните лица во градинката е резултат на неодамна донесениот Закон за трансформација во редовен работен однос што беше донесен во февруари годинава. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука