февруари 2, 2015

Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Денешната одлука за штрајк не затекна на училиште каде што согласно распоредот на часови следевме настава. Ние сме ученици и наша обврска е да учиме, а Ваша да не научите, стои во дописот до медиумите испратен од Унијата на средношколци од Охрид.

– Ние не го оспоруваме вашето право на штрајк, но истовремено бараме од вас наставата да продолжи затоа што не сме подготвени изгубените часови да ги надополнуваме за време на викенди или најлошо е за нас доколку во целост ги изгубиме. Учениците од четврта година, треба да се подготвуваат за државната матура која ги очекува и секој изгубен час сериозно ќе влијае на сите нас. Ве повикуваме да ја продолжите наставата се со цел наставниот процес како и досега да се одвива бес проблеми и политички влијанија, стои во дописот испратен од Унијата на средношколци од Охрид.

Вработените во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ кои се членови на СОНК утрово го започнаа најавениот штрајк со кој се придружуваат кон останатите училишта во државава кои протестираат барајќи Владата односно министерството за образование и наука да ги разгледа нивните барања. Според заменик-претседателот на синдикалната организација во училиштето Ристо Николески, околу 25 вработени во гимназијата дале поддршка на штрајкот.

– Беше панично утрово околу 07:00 часот кога дојдовме на работа, но се изненадивме кога во 07 часот и 30 минути дојдоа останатите колеги и ни дадоа поддршка. Ни се придружија околу 25 вработени, вели Николески.

Како што ни изјави утрово тој, на вчерашната седница на централата на СОНК во Скопје било одлучено, доколку надлежните не ги разгледаат нивните барања, во среда вработените во училиштата кои штрајкуваат, да протестираат пред локалните самоуправи.

– Доколку и тогаш нема исход, в петок ќе биде организиран генерален штрајк во Скопје зашто така беше одлучено на вчерашната седница на СОНК, додава Николески.

Од синдикалната организација на ОСУ „Свети Климент Охридски“ велат дека новиот директор на училиштето ја злоупотребил функцијата обидувајќи се врши притисок врз вработените.

– Одлуката за штрајк е донесена и за истото е доставено известување до директорот на училиштето. Второ, Законот за работните односи го регулира правото на штрајк во членовите 236 – 245 и во нив не е предвидено давање лични писмени изјави од страна на вработените кои имаат намера да учествуваат во штрајкот. Согласно член 236 став 5, штрајкувачкиот одбор го известува директорот за причините, местото, денот и времето на почеток на штрајкот. Со барањето лични изјави од вработените очигледно новиот директор ја злоупотребува својата функција и се обидува да врши притисок врз вработените, велат од синдикалната организација.

Се огласи и директорот на училиштето Звонко Трпески, според кого зад штрајкот стои СДСМ.

Според него, некоректно е, на воспитно-образовниот процес да се ставаат политички етикети.

– Апелирам до колегите кои сега веќе и јавно потврдија која е позадината на овие протести, да се вратат на настава во интерес на нормалното одржување на воспитно образовниот процес. Како директор на ОСУ „Св. Климент Охридски“ ќе ги преземам сите законски мерки кои што ми стојат на располагање се’ со цел учениците да не претрпат штета од оваа политички мотивирана активност, вели во писмениот допис до медиумите, директорот на Охридската гимназија Звонко Трпески.

Околу 25 професори од оваа образовна установа утрово започнаа штрајк со што им се приклучија на останатите членови на СОНК кои протестираат барајќи од Владата зголемување на платите во образованието за 25 проценти, укинување на казните за екстерното тестирање, како и поедноставување на работата со електронскиот дневник. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука