мај 11, 2023

Струга/Охрид, 11. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Според фотографиите кои ги објави струшкиот портал VOX Struga, соседна Струга е се’ поблиску до остварување на дамнешното ветување и реконструкцијата на затворениот пливачки базен.

На фотографиите се гледа дека активно се работи на изведбата и дека во релативно кратко време може истата и да заврши. Затворениот базен во Струга со години беше нефункционален и вон употреба. Стружани ќе добијат модерен и функционален базен на местото каде 15 години има рушевини и купишта смет.

На само 15-тина километри од Струга ништо ново на ова поле. Затворениот базен во Охрид е се’ уште недовршен и покрај слатките зборови и ветувања кои ги слушаме долги години. Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски кон средината на август минатата година најави дека тогаш, од 1-ви септември ќе продолжат градежните работи на затворениот пливачки базен во Охрид и се очекува дека до март или април месец оваа, 2023 година тој да биде готов.

Работите биле запрени поради проблеми со изведувачот „Бауер БГ“.

– Се надевам дека март или април следната година ќе биде готов. Тој е 70% готов, треба да се донесе коритото, да се монтира, веќе се направени просторите се одвоени, трибините, челичната и бетонската конструкција се готови, струјата е поставена, остануваат само финеси и уште многу малку работи недостигаат во внатрешниот дел, потенцира тогаш Мојсоски.

Објектот започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…

Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/VOX Struga

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука