Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Работилница за зајакнување на психосоцијалната поддршка во кризна ситуација во Охрид

Охрид, 22. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како продолжение на програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите, денеска во Охрид, во организација на УНИЦЕФ и МОН, се одржа работилница за училишните стручни соработници од југозападниот регион на земјата.

Водители на работилницата беа Ирена Дончевска, психолог во „Нико Нестор“ во Струга, Ана Попризова, психолог од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, и Јасмина Дечков, психолог во ООУ „Партенија Зографски“ од Скопје.

Дадени се насоки и препораки при комуникација со учениците, а настанот беше и прилика за вмрежување на стручните служби, психолозите, педагозите, социолозите, социјалните работници, дефектолозите, со цел зајакнување на нивните капацитети и заемна поддршка да одговорат на актуелниот предизвик.

Целта на работилницата е да се формира усогласен одговор низ училиштата по повод кризата од трауматскиот настан во Србија. Овој усогласен одговор треба да помогне да се намали општата вознемиреност, преку информирање базирано на факти, сознанија и стручни толкувања. Во овие услови потребно е повнимателно следење на појавите на булинг, преку поинтензивна соработка со родителите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука