Свет

Атанасоски: Недозволиво е за Грција, како членка на ЕУ да ги ужива сите привилегии

Скопје/Атина, 9. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со обраќање на Грчкиот Премиер, Алексис Ципрас, во Европскиот Парламент, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, изнесе став, дека последното обраќање на Грчкиот Премиер Алексис Ципрас е „ново продолжение на за него својствениот популизам“.

– Тој во своите настапи континуирано се обидува да ги задоволи своите сопартијци, да ја потхранува надежта кај Грчкиот народ дека е способен да обезбеди достоинствен договор, но во исто време сака да им се допадне на Европските лидери и кредитори, вели Атанасоски.

Македонската Алијанса смета дека е недозволиво за една земја членка на Европската Унија, како што е Грција, да ги ужива сите привилегии од полноправното членство тогаш кога и одговара, како во наметнатиот спор со Македонија, а тогаш кога треба да ги исполни обврските и долговите за децениските погрешни економски политики на нивните политички водства, да го напаѓа и да ја загрозува иднината на целото Европското семејство и регионот.

– Ако за Ципрас, ЕУ ја третирала Грција како лабараторија за тестирање за мерките за штедење, дали по истата логика на Грчкиот премиер и нивниот однос кон Македонија го симболизира истото? „Лабараторија“ во која речиси сите Грчки политички елити ги испробуваат уцените, заканите и блокадите за нашите Евроатлански интеграции. Македонија е млада држава и нашиот развој во огромна мера зависи од нашата интеграција во Европската Унија. Сега и судбината и иднината на Грчката држава и народ е во рацете на Европските лидери, додава Атанасоски.

Македонската Алијанса се надева дека Европските лидери ќе извлечат поука од актуелната криза во Грција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука