Избор Македонија

Меѓународната кризна група ги советува лидерите на политичките партии во Македонија да најдат решение

Скопје, 10. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во извештајот на Меѓународната кризна група за Македонија се вели дека „државниот апарат е заробен и корумпиран од водечката политичка партија“, a за инцидентот во Куманово се потенцира дека причинил најмасовно загуба на животи во регионот во последнава деценија.

– Ако ургентно не се решава двојната криза (легитимитет на Владата/регионалната безбедност), постои ризик истата да се прошири во насилни судири – во најлош случај да добие елементи на конфликтот од 2001 година, пишува МКГ.

Во извештајот се оценува дека „дискредитираните национални институции не можат сами да се справат со кризата“, а дека преговорите што би довеле до реформи и предвремени избори се во ќор-сокак.

Европската унија, смета во МКГ, мора да изврши притисок за сеопфатен договор што ќе понуди решенија за ослободување на заробената држава и за наводната корупција, а Македонија и Косово, исто така, со меѓународна помош, треба заеднички да го испитаат инцидентот во Куманово.

Говорејќи за она што го откриваат „бомбите“ што ги објавува опозицијата, МКГ вели дека „многу од луѓето кои треба да бидат одговорни за справување со очигледните незаконитости и самите се вмешани“ и дека „снимките од прислушуваните разговори покажуваат дека владејачките партии ги изградиле својата моќ и привилегии преку корупција и криминал, а исто така и оти драматично е компромитиран албанскиот партнер во владејачката коалиција“.

МКГ смета дека премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, играат високо ризичен покер во разговорите спонзорирани од ЕУ. (Крај)

извор: Фактор фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави