Избор Култура

Рускиот пијанист Андреј Коробеиников вечерва со концерт на Охридско лето

Охрид, 14. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на фестивалот Охридско лето, вечерва во катедралната црква Св. Софија концерт ќе одржи рускиот пијанист Андреј Коробеиников.

Андреј Коробеиников е руски пијанист, кој својата богата кариера ја започнува уште на 8-годишна возраст, со рецитал во Баку, Азербејџан. Оттогаш тој постојано настапува низ целиот свет (Бразил, Канада, Кина, Америка, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, Монако, Јужна Африка, Турција, Австрија, Белгија и др.), каде што соработува со голем број реномирани диригенти, како што се Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и др.

И покрај тоа што најчесто настапува како солист, камерното музицирање е посебна страст на Коробеиников. Досега соработувал со некои од најголемите виолинисти на денешницава, меѓу кои: Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, потоа – виолончелистите Александар Књазев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, пијанистите Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи и др. Задоволство да свират со уметник како Коробеиников, имале и голем број светски признаени оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар и многу други.

Концертот е со почеток во 21 часот, а цената на билетот е 300 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави