Избор Спорт Струга

Ракометниот турнир во Струга ќе започне на 12. август

Струга, 14.јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Организаторите на струшкиот ракометен турнир и официјално го презентираа 43. издание на Ракометниот турнир кое ќе се одржи на „Женска плажа” во Струга.

Откако Вардар не ја прифати поканата, а бранителот на титулата Металург го откажа учеството, стружани го комплетираа друштвото учесници со екипи од пет земји плус Македонија.

Со полудиригирана ждрепка одредено е дека во групата А ќе играат Сесон од Франција, Бенфика од Португалија и Ел Замалек од Египет, кој во последен момент сепак влезе како учесник, на местото на репрезентацијата на Саудиска Арабија.

Групата Б ќе ја предводи единствениот учесник во ЛШ од ова друштво, турскиот првак Бешикташ, а со него ќе играат и Динамо Букурешт и Зомимак. Како и секоја година, тука е и домаќинот РК Струга, кој ќе има ревијален настап.

– Годинава се потрудивме да донесеме екипи од различни делови на Европа и надвор од неа, екипи коишто имаат различни филозофии на ракомет. Условите за игра и за работа се на високо ниво, па очекуваме уште еден успешен турнир, изјави спортскиот директор на турнирот, Сашо Србиновски, на денешната средба со медиумите во просториите на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

И оваа година традиционалниот турнир ќе остане без награден фонд, но објаснувањето е рационално.

– Во тек е изградба на јужна трибина, која ќе има капацитет од околу 1.200 седишта, која потоа ќе биде покриена. До следната сезона очекуваме да ги извршиме изградбите и на северната трибина за теренот да дојде како полузатворено игралиште. За да дојдеме до награден фонд, прво треба да ги задоволиме сите услови кои ги бара ракометната игра, па потоа да најдеме еден спонзор кој ќе ги покрие комплетните трошоци. Наша цел е за година две да привлечеме екипи кои се натпреваруваат во Лигата на шампионите и кои остваруваат големи резултати, додаде Србиновски.

И оваа година помагач на струшкиот турнир е Агенцијата за млади и спорт.

– Агенцијата за млади и спорт се јавува како еден од главните поддржувачи. Оваа година од буџетот на АМС се издвојуваат 500.000 денари. Струга отсекогаш била колевка на ракометот, многу репрезентативци доаѓаат од овој град, тоа ќе го потврдиме и со новото, 43. издание на еден од најстарите ракометни турнири во Европа, изјави директорот на Агенцијата Марјан Спасески.
Турнирот ќе се одржи од 12 -ти до 15-ти август, а во негови рамки ќе биде организиран и семинар за тренери, од Здружението на ракомтни тренери, на 14 – ти и 15-ти август.(Крај)

извор:Спортмедиа фото:Спортмедиа

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука