Концерт за пијано и виoлончело на „Охридско лето“
Охрид, 15.јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Концерт за пиајно и виолончело ќе се одржи вечерва на „Охридско лето“. Во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапат рускиот пијанист Андреј Коробеиников и виолончелистот Александар Књазев кого критичарите го нарекуваат најмоќниот виолончелист на светот.
Коробеиников синоќа одржа концерт за пијано и ја воодушеви фестивалската публика. И двајцата се познати руски музичари кои настапуваат на светските музички сцени и освојуваат награди и признанија.
Тој соработува со голем број реномирани диригенти, како Јури Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и др. Што се однесува до камерното музицирање, досега соработувал со некои од најголемите изведувачи на денешницава, меѓу кои: Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Александар Књазев, Борис Березовски, Икујо Накамичи и др. Задоволство да свират со уметник како Коробеиников, имале и голем број светски признаени оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар и многу други. Коробеиников учествувал на повеќе престижни фестивали.
Александар Књазев критичарите го сметаат за еден од најмоќните виолончелисти во светот. Постојано е активен на светските музичките сцени, соработувајќи со диригенти како Александар Ведерников, Мстислав Ростропович, Јуриј Темирканов, и оркестри како што се Оркестарот на Би-би-си во Лондон, Баварскиот радио симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Гетеборг, Симфонискиот оркестар на Балтимор, Токискиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија и многу други.
Овој виолончелист соработувал и со пијанистите Евгениј Кисин, Николај Лугански, Борис Березовски, виолинистите Виктор Третјаков, Вадим Репин, Дмитриј Махтин, како и голем број други врвни уметници. Често пати настапува и на некои од најзначајните фестивали во светот „Еспинио фестивал“ во Португалија, „Ла фол журне“ во Нант, Билбао, Токио и Рио де Жанеиро, „Енеску“ во Романија, „Шлос Елмау“ во Германија, „Десембер ивнингс“ во Русија, „Тенглвуд“ во САД, „Музика чело фест“ во Србија, „Нафлеон“ во Грција и други, каде што постојано ги воодушевува публиката и музичката критика. Добитник е на повеќе награди на значајни национални и интернационални натпревари. (Крај)
извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |