Избор На кафе со... Охрид

Баракоски: Ми прави задоволство кога ќе ги слушнам моите песни како се пеат во училиштата и на приредбите

Охрид, 17. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Менде Баракоски е познат и признат музичар во Охрид. Особено е омилен помеѓу децата со кои преку музичките инструменти и фолклорот другарува целиот свој живот.

Во интервју за Супер радио и OhridPress вели дека децата секогаш знаат да возвратат за добрината што им се прави. Токму тие, се неговата инспирација и затоа најголемиот дел од песните што ги создава им се посветени на децата. Наскоро се очекува да излезе и неговата збирка авторски песни која ќе претставува своевиден прирачник и за наставниците.

Супер радио: Интензивно работите на вашата книга со авторски песни што планирате да ја издадете и промовирате претстојната есен. За какво дело станува збор и дали може да се каже дека таа ќе биде еден своевиден прирачник и за педагошките работници?

Баракоски: Станува збор за книга на минат труд, но и на сегашен бидејќи јас се уште пишувам. Јас на некој начин работам цел живот со децата. Уште во музичкото училиште многу ми се допаѓаа песните на Кирил Македонски, нашиот композитор. Сите негови песни што ги пееја децата ми лежеа опри срце. Имаше и други композитори, но реков, зошто да не пишувам и јас. Се сеќавам на една песна „Цвет за мама“ посветена на 8-ми март. Еден месец пред празникот им реков на децата дека јас ќе им напишам песничка за мајката.

Пишувањето е интересна работа, исто како и кај вас, новинарите и кај писателите. Некогаш за една ноќ можете да напишете роман, а некогаш тоа никако не оди од рака и со месеци не можете ниту збор  да напишете. Се сеќавам тогаш свирев во хотелот „Десарет“ со мојата група и секоја вечер одев дома и се мислев, вртам зборови, правам зборови зашто се ближи осми март, а на децата им ветив песна. Една вечер се вратив половина час по полноќ, седнав на клавирот и верувајте за половина час ја напишав песната „Цвет за мама“. Следниот ден им ја напишав на таблата и ја научивме сите. Таа песничка и ден-денес се пее, не само во Охрид, туку и пошироко. Не е печатена, но некако се проби надвор од локалните рамки.

Така, таа книга што ја подготвувам е збир на песни што ги имам напишано. Еден дел се снимени со хорот на „Ѓердан“. Има и други кои не се снимени и тие се ставени во книгата. Темите се пригодни и наменети за децата од училиште. Има песни за мајката, за пролет, за лето, за есен за зима, за Дедо Мраз, пригодни песни за градот, тука се песни за Кирил и Методиј, песни што ги пеат децата во училиштата и што треба да ги пеат.

Оваа книга всушност ќе биде како еден вид прирачник за учителките и ќе им помогне во едуцирањето на децата посебно со снимените песни. Тие се аранжмански и снимени во студио, но мелодијата е тука и можат да си ја пеат. Тука има песна за Свети Климент Охридски, еве сега пишувам песна и за Григор Прличев. Се уште не е готова но внимателно се работи.

mendebarakoski2Супер радио: Како ќе се вика книгата?

Баракоски: Јас имам една песна со наслов „Подари љубов“. Се надевам дека и книгата ќе се вика така. Се вели, во животот е важно да бидеш некој и да помагаш на секој, да имаш срце храбро и добрина во него.

Супер радио: Колку време работите со децата. Очигледно е дека и по пензионирањето ја продолжувате дружбата со нив?

Баракоски: Точно 41 година другарував со децата предавајќи им во Основното музико училиште „Методи Патчев“. Една година, уште како гимназијалец бев учител во Мариово, во селото Дуње. Тогаш не бев искусен но  како гимназијалци станавме учители зашто немаше на времето кадри. Ние неколку другари од селото покажавме успех и можеби тоа беше голем плус за да продолжам натаму на Педагошката школа, а потоа и  на Педагошката академија во Скопје и по нејзиното завршување повторно да работам со деца.

Љубовта кон децата е голема. Еве, и како пензионер, во КУД „Ѓердан“ секоја година водам по стотина дечиња. Ми прави задоволство кога ќе ги слушнам моите песни како се пеат во училиштата и на приредбите. Децата не знаат дека песните што ги пеат се мои ама јас кога ќе ги слушнам се чувствувам прекрасно.

Супер радио: Вашите потомци ги наследија музичките гени?

Баракоски: Првиот внук Филип почна да пее на фестивалот „Распеано рибарче“. Јас тогаш не бев вклучен во фестивалот и почнав да му пишувам песни. Првата што ја напишав за него се вика „Забоболка“. Мене ми е жал што не се слушаат постарите песни зашто многу набрзо се одржуваат детските фестивали, а станува збор за толку убави песни.

Филип свири многу убаво на виолина. Се надевавме дека ќе продолжи во средно музичко училиште, но се одлучи за гимназиско образование и потоа за информатичките науки. Сепак свири прекрасно на виолина. Мојот син Никола иако не продолжи во средно музичко училиште исто така музицира. Многу е убаво по ручекот кога ќе седнат синот и внукот на клавирот. Тоа е и целта на музичката школа. Не можат сите да бидат академци. Доволно е да ја сакаат музиката и кога ќе се заморат од сите денешни проблеми  и од  динамичното време да ја обноват енергијата свирејќи на некој музички инструмент.

Да ви кажам многу ми е мило и за моите ученици кои не продолжија во средно музичко училиште и на академија. И тие добија занает и ги хранат своите семејства. Несебично им го предавав моето скромно знаење. Јас имав мои ученици прваци во хармоника во Југославија, а не сум хармоникаш. Имам и  виолинисти кои постигнувале успеси. Единствено што жалам е што немам направено еден заеднички концерт на сите академци кои поминале како мои ученици. Сега си имаат свои приватни школи, свират во филхармонија, но не можам да ги соберам заради нивните тајминзи и обврски.

mendebarakoski3Супер радио: Како Вие ја засакавте музиката? И Вие ги наследивте музичките гени од Вашите претци?

Баракоски: Јас сум родум од Кукуречани, село на пет километри одалечено од Битола на патот кон Демир Хисар. Во далечната 1949 година татко ми го зедоа да работи како полицаец во Прилеп. Мајка ми Алтана беше домаќинка, дојдена од село, но многу брзо се вклопи во градскиот живот. Таа беше прекрасна жена која одгледа четири деца, тројца синови и една ќерка. Сите не запиша во музичкото училиште во Прилеп. Јас и сестра ми професионално се занимаваме со музиката, најмалиот брат свиреше флејта, а поголемиот кој е сега покоен рече дека доста му биле две години нижа музичка школа и повеќе нема да учи. Но да се вратиме на прашањето што ми го поставивте. Татко ми свиреше на кавал. Мајка ми пееше многу убаво. Имаше еден убав глас, сопран, и се што има запеано уште ми е во главата меѓу кои и една песна за Солунскиот фронт која никаде не сум ја сретнал. Имам собрано околу 500 народни песни. Најголемиот дел ги има насекаде, па и на интернет и сметам дека не е добро и премногу да се издава зашто ќе нема ефект.

По нижото музичко завршив средна музичка школа и се немаше во тоа време пари да продолжам на медицина каде што најмногу сакав. Но ја завршив Педагошката академија и никогаш не зажалив за тоа. Нашиот двор во Прилеп секогаш беше исполнет со песна.

Супер Радио: Како е да се работи со децата?

Баракоски: Најубаво. Децата се интересна и прекрасна материја, а јас сум глумец. Секогаш вината ја барам во нас, родителите, во овој динамичен живот.Кога работев во музичкото училиште имав по 20 деца, а некогаш дури и по 38 деца. Знаете, таму се работи поединечна настава. За дваесет деца треба 20 пати да се смениш. Сите се различни карактери. Секој ќе заврши каков било факултет, но искуството е најважно. Самата работа те тера да учиш многу нешта што ги нема во книгите. Не сум бил идеален но со трудот и љубовта што ја имам кон децата сум постигнал добар резултат. А децата можат да вратат.

Никогаш не сум се штедел за надарените деца. Сите надарени ги ставав последни на час. Во училиштето немавме ѕвонче. Ќе дојдеше служителот и ќе ме прашаше дали уште ќе работам.

Децата се чисти души кај кои повеќе влијание има околината. Зошто го велам тоа? Затоа што родителите најголемиот дел од денот се ангажирани на работа и не можат да им се посветат на своите најмили. Уште кога ќе тргнат во градинка, им недостига љубовта на мајката, на таткото, растат со стресови. Ако оди на улица ги зема влијанијата оттаму. Јас имав среќна околност што мојата сопруга не работеше додека не завршија осмо одделение моите деца. Таквите жени треба да се наградат.

mendebarakoski4Супер радио: Можете ли да направите една паралела какво беше детство, дружбата, однесувањето на претходните генерации и сегашните?

Баракоски: Голем јаз е направен помеѓу претходните и сегашните генерации. Има големи турбуленции. Днеешнит емлади се многу агресивни. Синоќа гледав едно видео на интернет како во Босна и Херцеговина ученик малтретира наставник. Да се згрози човек. Порано децата беа попитоми. Не беа бомбардирани со се` и сешто. Да бидам краток и јасен. Со оваа технологија што сега ја имаме, им овозможуваме на децата да влезат во животот многу помлади, многу мали. Се` им е на дланка. Во една ноќ ќе открие многу работи. Можам да кажам дека кај сегашните деца што ги водам во КУД „Ѓердан“ има нешто питомо и се социјализираат овде. Многу нешта делиме заеднички. И убавото и неубавото и имањето пари и беспарицата, радоста… Заедно одиме на пица, на сладолед, на боза.

Порано ќе се соберевме, ќе свиревме ќе пеевме. Сега ми се чини дека и кај постарите нема песна. Ако не запееме во „Ѓердан“ нема каде да слушнеме песна. Голема е разликата. Сега живееме во дигитален свет. Со претходните генерации беше поинаку. Не ми беше проблем да дојдам во просториите на културно-уметничкото друштво и да запалам оган. Но ги земав 30-40 деца и собиравме шишарки. Шетањето, дружењето беше важно. Ќе земевме сендвичи од дома и ќе одевме Канео или Лабино.

Супер радио: Каде најчесто ги пишувате песните?

Баракоски: Дефинитивно во населбата Далјан, покрај Охридското Езеро, во мирот и спокојот што ме опкружуваат. Таму живеам и доцна попладне излегувам покрај езерото. Ако некој ме слуша од бавчите, сигурно си помислува дека со мене нешто не е во ред. Потоа одам дома и ги запишувам. Имам некаде околу 80 песни,  а околу 60-тина ќе бидат поместени во новата книга што ќе ја издадам. Најважно од се е што инспирацијата ја црпам од децата со кои другарувам цел живот.

Супер радио: После толку години бевте поканети да учествувате на годинешниот 54-ти балкански фестивал на народни песни и игри.

Баракоски: Да, ја прифатив поканата затоа што имаме убава генерација и подготвивме добра програма. Критиката и сите што не гледаа рекоа дека сме биле исти како „Танец“. Ми беше важно да настапиме на сцената „Долни Сарај“ и заради децата. Тие играле досега на разни концерти и сцени, но „Долни Сарај“ е сепак светска сцена. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука