Скопје, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Денес се одбележуваат 143 години од раѓањето на Гоце Делчев, големиот визионер и идеолошки лидер.
Како син на Никола и Султана Делчеви, роден е на денешен ден, 4. февруари 1872 година во Кукуш. Основното образование го завршува во Кукуш по што заминува да учи во Солун каде науката и литературата ги усовршува во воената школа. Има активна улога во многу политички клубови во Солун и Софија. Сепак „Лозарите“ имаат најголем удел во формирањето на неговиот револуционерен профил. Годините помеѓу 1894 и 1903 се најплодни во неговиот краток револуционерен живот. Тогаш како учител во штипско Ново Село и Банско значително придонесува во подготовките за вооруженото востание. Од историско значење е и средбата со Даме Груев во Штип во ноември 1894 година кога го договараат организирањето на мрежа низ цела Македонија за активирање на населението. Сепак тој и неговите следбеници предупредуваа на предвременото кревање на востанието, затоа што тврдеше дека сеуште не е дојдено вистинското време и не се направени потребните подготовки за кревање на востанието. На пат за Конгресот во Сер, во 1903 година Делчев преноќил во селото Баница. Предаден и опколен, тој беше убиен на 4 мај. Неговата смрт значеше откажување за многу визии на овој револуционерен херој.
Македонскиот народ му оддава должна почит и се сеќава на еден од своите најголеми синови. Неговите идеи се нераскинлив дел од Македонската колективна свест и историја. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива