Избор Култура

За два дена распродадени билетите за концертот на славниот пијанист Иво Погорелиќ во Охрид

Охрид, 22.јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Голем интерес за концертот на славниот пијанист Иво Погорелиќ кој на 25 овој месец ќе настапи во црквата Света Софија во рамките на „Охридско лето“.

Неговиот настап бил распродаден за само два дена по објавувањето на програмата. Од Дирекцијата на Фестивалот велат дека се бара решение, сите заинтересирани да можат да бидат дел од овој настан.

Според селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова-Неделковска, очекувано било програмата да побуди таков интерес кај публиката бидејќи станува збор за атрактивни светски уметници.

-Високиот рејтинг на фестивалот обврзува на еден многу сериозен, одговорен и професионален пристап кон изборот на уметниците и ансамблите, а тоа значи квалитетни и ексклузивни имиња од светската музичка сцена. Нашите заложби се фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски дена. Од успешноста на изборот на програмата, зависи и реномето на фестивалот, кое според домашната, но и странска стручна критика, последниве години оди во нагорна линија , вели Јосифова-Неделковска.

Од Охридско лето велат голем бил бројот на гости од странство кои специјално најавиле дека ќе дојдат во Охрид токму поради концертот на Погорелиќ. Резервации има од Србија, Хрватска, Грција, Чешка, Албанија, Франција. Раководството на Фестивалот вели дека иако сеуште не знаат на кој начин сепак ќе овозможат сите заинтересирани да го следат концертот на легендарниот пијанист Иво Погорелиќ.(Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука