Охрид, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – СОНК одлучи да го прекине штрајкот на просветните работници. Дваесет и петте професори од Охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ кои од понеделникот се приклучија кон штрајкот денеска се вратија на настава.
Од синдикалната организација во училиштето велат дека не се задоволни од одлуката на Синдикатот и од договорот на СОНК и Министерството за образование, но се принудени да го прекинат штрајкот.
– Принудени сме од СОНК, а не по наша волја да отстапиме од штрајкот. Со ваквиот потег само не’ изманипулираа и не’ поделија во колективот, велат од синдикалната организација на Охридската гимназија.
Од вкупно 55 професори колку што има во ова училиште, 25-мина од понеделникот се прилклучија кон барањата и штрајкот на нивниот матичен синдикат. Денеска, тие требаше да го префрлат штрајкот низ охридските улици, но заради одлуката на СОНК да се стави во прекин штрајкот, не го направија тоа.
На вонредна седница што е одржа синоќа, Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Министерството за образование и наука и за труд и социјална политика постигнаа договор за продолжување на дијалогот, со што штрајкот на просветните работници се става во мирување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес