Лондон, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот шведски тенисер Матс Виландер изјави дека Новак Ѓоковиќ има најголеми шанси да ги освои сите четири Грен слем турнири во една година.
Ѓоковиќ триумфираше во Австралија во неделата, откако во финалето го совлада Енди Мареј со 7:6, 6:7, 6:3, 6:0.
– Федерер освои рекордни 17 Грен слем титули, Надал 14, исто колку што има и Сампрас. Сега на Ѓоковиќ му е потребно само да биде здрав, да не се повреди и на ова ниво да игра барем уште неколку години за да има шанса да ги стигне, вели поранешниот шампион. „Тој ја има способноста да освојува Грен слем турнири во низа. Тој е најголемата закана да ги освои сите четири Грен слем турнири во една година. Тоа е нешто што не сме го виделе многу, многу години“, рече Виландер.
Тој додава дека промената на начинот на живот на Новак му помогна да стигне до уште подобри резултати.
– Ја смени техниката, стилот на живот и сега е далеку помотивиран. Тоа е многу тешко да се направи, додаде поранешниот прв тенисер на светот. (Крај)
извор: Спорт ТА фото: архива