Избор Култура

Битолските актери ќе ја донесат најкомплексната шекспирова трагедија на „Охридско лето“

Охрид, 24.јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Народниот театар од Битола вечерва на фестивалот „Охридско лето“ ќе ја одигра театарската претстава „Антоние и Клеопатра“ на текст од Вилијам Шекспир.

Адаптацијата и режијата на претставата „Антоние и Клеопатра“ ги направи американскиот режисер Џон Блондел кому ова не му е прво гостување на „Охридско лето“.

-Задоволство ми е што сум вторпат сум во Охрид . Првиот пат бев со „Хенри Шести“ во 2012 година. Кога дојдов првиот пат со Битолскиот театар, добив идеја следниот пат да се вратам со претставата „Антоние и Клеопатра“. И навистина се вратив пак со „Антоние и Клеопатра“ токму на местото каде што ја добив идејата за оваа претстава. Премиерата на оваа претстава се одржа во средата во Битола и таа беше многу добро прифатена од страна на публиката, рече Блондел.

Според него, „Антоние и Клеопатра“ е најкомплексна и најкомплицирана театарска претстава за изведување и една од најголемите трагедии заедно со „Кралот Лир“ „Магбет“ и „Отело“.

-Во сите три сцени, претставата изведена на англиски јазик трае четири часа. Моравме да го скусиме сижето и се сконцентриравме на улогите на Клеопатра, Антоние и Аурелие Цезар.Кога го играте Шекспир имате две ѕвезди. Првата е Шекспир, а втората е актерскиот ансамбл, додаде Блондел.

Како што појасни директорот на Битолскиот народен театар Благој Мицески, актерите од овој национален театарски ансабмл не доаѓаат првпат на „Охридско лето“.

-Со задоволство вечерва ќе имаме можност пред публиката во Охрид на Долни Сарај да ја прикажеме нашата најнова претставата „Антоние и Клеопатра“. Во превод на Драги Михајловски првпат ќе се изведува на македонски јазик и во режија на нашиот пријател и гостин од Америка, од Санта Барбара, Калифорнија, Џон Блондел. Битолскиот театар традиционално учествува на „Охридско лето“ и сме имале претстави на најразлични локации. Првпат играме на оваа локација која синоќа на нашата генерална проба се покажа како извонредно место за претставата која сакаме да ја прикажеме, рече Мицевски.

Клеопатра во пртставата ја игра актерката Валентина Грамосли која токму на фестивалот „Охридско лето“ ја доби и наградата „Златна маска“.

– Пресреќна сум затоа што годинава доаѓам во мојот роден град Охрид со ликот на Клеоптара којшто е многу необичен и посебен и кој секоја глумица би посакала да го игра. Клеопатра ја вбројувам во опусот на моите многубројни улоги издвојувајќи ја и Медеја која беше премиерно одиграна на „Охридско лето“ и за која ја добив наградата „ Златната маска“. Пред 20 години како премиера на „Охридско лето“ ја изведовме „Ромео и Јулија“ во која првите Ромео и Јулија бевме јас и мојот колега Петар Горко. И по 20 години вечерва двајцата повторно ќе се претставиме пред охридската публика, но овој пат како Антоние и Клеопатра. Синоќа на пробата, ансамблот уживаше. Ќе уживаме и вечерва, а се надевам дека и публиката ќе ужива во нашата изведба, истакна Грамосли.

Претставата ќе се одигра на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот. (Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави