Избор Култура

Маестро Погорелиќ преку истражувачкиот пијанизам и долови нови музички видици на охридската публика

Охрид, 27.јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Огромен интерес и силни емоции предизвика и вториот настап на хрватскиот пијанист Иво Погорелиќ кој синоќа го одржа и вториот концерт на фестивалот „Охридско лето“.

Според селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, од големо значење е настапот на матадорот на пијаното, маестро Иво Погорелиќ особено што тој на фестивалската публика и подари втор концерт без финансиска надохнада.

-Уште еднаш се потврди дека големите уметници се пред се големи луѓе. Овој концерт предизвика огромен интерес не само кај домашната публика, туку имаме многу странски посетители кои дојдоа исклучиво да го слушаат овој голем уметник што нас како организатори ни е особено драго, рече Јосифова-Неделковска.

За пијанистот и професор, Тодор Светиев, истражувачкиот пијанизам на Погорелиќ отвара нови видици кон музиката што тој ја изведува.

-Огромно е задоволството што вечерва бевме сведоци на еден извонреден музички настан, концертот на пијанистот Иво Погорелиќ. Тоа беше извонредно доживување првенствено заради неговото високо мајсторство, специфичниот индивидуален пристап кон музичките дела кои ги изведуваше и заради неговиот истражувачки пијанизам кој ни отвори нови видици кон музиката што ја изведуваше, истакна синоќа Светиев.

Дел од вечерашниот голем настан на „Охридско лето“ беше и македонскиот виртуоз на гитара, Влатко Стефановски кој по завршувањето на концертот изјави дека е особено среќен што првпат го слуша Погорелиќ во живо.

-Одамна ја имав таа желба да го видам во живо. Фасцинантна физичка, ментална и духовна сила. Јас не сум стручњак за оваа литература, ниту за Шопен, ниту за Рахмањинов, но до мене доаѓаше една страшна сила, една огромна енергија која навистина е тешко да се опише, рече Стефановски.

Српскиот музиколог од Факултетот за музичка уметност во Белград Стефан Цветковиќ кој специјално за настапот на Погорелиќ допатува во Охрид оцени дека синоќешниот концерт беше фантастичен.

– Маестро Погорелиќ преку своите циклуси во својата кариера се враќа со исти дела, но секогаш се враќа на различен начин и тие дела секогаш ги надоградува со нови знаења и искуства и на тој начин неговите интерпретации се секогаш и секогаш подлабоки, и мисловно и емоционално. Сметам дека охридската публика имаше исклучителна можност да слушне во зрела интерпретација на делата кои се втемелени во европската историја на музиката. Специјално дојдов за неговиот концерт зашто маестро Погорелиќ ретко музицира во регионот и секој негов настан е сензација сама по себе, оцени музикологот Цветковиќ.

И за двата концерти на пијанистот Погорелиќ што се одржаа во рамки на 55-тото јубилејно издание на „Охридско лето“ се бараше билет повеќе. (Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави