Избор Охрид

За поголема безбедност на Охридското Езеро ќе бидат поставени 180-тина пловидбени знаци

Охрид, 28. Јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве започна реализацијата на два проекти во Охридското Езеро. Станува збор за поставување пловидбени знаци со кои се поставуваат информативни табли и поставување бови односно пловечки направи коишто претставуваат сигнализација во самата вода.

plovidbeniznaci1

plovidbeniznaci2

Според првиот човек на Капетанија на пристаништа во Република Македонија Горан Устијаноски, на самиот брег, на потегот од Свети Наум до Радожда ќе бидат поставени 179 знаци, но и два нови светилници на пристаништата во Охрид и во Свети Наум кои ќе одговараат на најновата светлосна технологија. Постоечкиот светилник на градското пристаниште во Охрид ќе биде поставен во Струга.

-Деновиве имаше реакции дека биле поставени знаци за забрането капење на пристаништата во Охрид и во Свети Наум и на некои пристапни мостови на крајбрежјето. Тоа е многу нормална работа и не се очекува да има капачи на пристаништата бидејќи од тоа директно зависи безбедноста на самите капачи. Пристаништата се места кадешто се маневрира со бродови, со чамци и директно може да дојде до повреди и директни последици по самите капачи. Затоа апелираме, сите тие знаци да се почитуваат и од страна на оние што пловат, и од страна на оние што се капат во Охридското Езеро, вели капетанот Устијаноски.

goranustijanoski

Ќе бидат поставени и два радари за што ќе биде спроведена и јавна набавка. Средства, како што вели Устијаноски, се издвоени, но прашање се процедурите околу објавувањето на тендерската постапка.

-Кога ќе бидат поставени радарите ќе може да се снима целата површина на Охридското Езеро односно тие ќе служат пред се за потребите на Капетанијата бидејќи понекогаш се има потреба од трагање по исчезнати лица, од евидентирање на пловни објекти на спорни места и слично.

zorangileski

Поставувањето пливодбени знаци и бови на Охридското Езеро е од голема корист за сите учесници во пловидбениот сообраќај, смета Зоран Гилески, сопственик на бродовите „Александрија“.Како што појаснува тој, многупати бродарите се соочувале со проблеми поради капачите околу пристаништето.

– Многупати сме имале проблеми со луѓе кои се капат на пристаништето. Воспоставувањето нови регулативи е во се кој случај значајно заради зголемување на безбедноста. Се работи за безбедноста на глисери, скутери, кајчиња, педалинки но и за безбедноста на пливачите. Ова ќе значи многу и за бродарите бидејќи ќе се ограничи пловидбата на помалите објекти за да можат поголемите да се движат послободно, појаснува Гилевски.

Учесниците во водениот сообраќај во Охридското Езеро, според Устијаноски, од година во година се се посовесни и ги почитуваат законските правила и прописи.

– Дисциплината од година во година е се поголема. Особено со скутерите дисциплината е на задвидно нив. Немаме дивеење со скутери. Исто така се отстранува и онаа лоша навика на наутичарите да пловат блиску до брегот. Со поставување на бовите ќе имаме уште поголема прегледност каде можат да пловат со поголема брзина, додава Устијаноски.

Моментално бројот на пловни објекти во Македонија евидентирани во регистарот на Капетанијата изнесува 1530. Тој број постојано се дополнува со оглед на тоа што претходеше процес на легализација за пловни објекти со кој граѓаните покрај легализацијата беа приморани да дојдат кај нас и да ги регистрираат. Во Охридското Езеро има околу 500 пловни објекти.(Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави