Избор Охрид

Невремето во Охрид остави тричлено семејство без покрив над главата

Охрид, 5. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Педесет и пет годишниот Неџат Рамадан од Охрид остана без сопствениот дом откако на први февруари поради временските неприлики се сруши неговата куќа на улицата „Гоце Делчев“ во населбата „Кошишта“ во Охрид, во непосредна близина на црквата „Свети Архангел Михаил“.

Изминатите месеци тој со семејството живеел под кирија во една соба на истата улица поради тоа што увидел дека нема услови за живот во сопствениот стар дом.

Пред десет години на Неџат му починала сопругата и му ги оставила двете деца кои имаат пречки во развојот.

– Целата нега на децата останува на мене. Девојчето има 20 години и има благи пречки во развојот, а 18-годишниот син е со тешка ретардација. Ги издржувам со 8.200 денари коишто ми ги дава државата за нив. Од нив, плаќам 4.000 денари за закуп на собата, ја раскажа својата тажна приказна за Супер радио Рамадан.

Тој вели дека во целата несреќа, среќа е што во моментот на уривањето немало никој во неа, ниту пак околу неа.

– Куќата која беше трошна целосно падна на први февруари во пет часот утрото. Голема среќа е што не бевме се уште во неа инаку и ние ќе настрадавме, вели Рамадан.

Главата на тричленото семејство Рамадан како што ни кажа, ја подготвува потребната документација за неговите болни деца и ќе ја испрати до надлежните од кои ќе побара помош.

– Апелирам и до хуманите сограѓани, доколку се во можност да ми помогнат, вели охриѓанецот Неџат Рамадан. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука