Пожар во Требеништа, изгоре семејна куќа
Охрид, 15. август 2015 (ОХРИДПРЕС) – Пожар избувна попладнево околу 16:00 часот во семејна куќа во селото Требеништа, во близина на Охрид.
Охридската противпожарна единица интервенираше со три возила и десетина пожарникари, кои се справија со пожарот.
– Станува збор за постара куќа, изградена со дрвени греди и трска, кои се лесно запалливи и го поттикнуваа пламенот, велат за OhridPress од охридската противпожарна единица.
Во инцидентот нема повредени лица, а причинета е поголема материјлна штета.
Охридските пожарникари деновиве со полни раце работа. Денешниот пожар доаѓа по двата пожари кои се случија пред само три дена. Додека екипите на територијалната противпожарна единица го локализираа пожарот кој изби попладнето на 12-ти овој месец, во стан на улицата „Партизанска“, околу 13:30 часот пристигна дојава за нов пожар на булеварот „Туристичка“. Пожарот избувна во стан во зграда на „Туристичка“, наспроти бензинската станица на „Окта“.
На 29-ти јули изби пожар кој гореше полни два дена кај Прентов Мост, во близина на селото Куратица, а на 20-ти минатиот месец се запали и дел од шумата на планината Петрино, над Охрид, кој беше локализиран следниот ден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |