Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридското помеѓу седумте ловишта за кое е објавен јавен повик за давање под концесија на дивечот

Скопје/Охрид,21. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридското e помеѓу седумте ловишта за кое е објавен јавен повик за давање под концесија на дивечот. Концесијата за ситен и крупен дивеч е со рок на користење од 10 и 20 години, а изборот ќе се врши со највисоко понуден концесиски надоместок.

Од 7-те ловни подрачја во Охрид, Куманово, Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Битола и во Кичево кои се нудат на последниот јавен повик најголем број се за концесија на ситен, а 2 се за давање под концесија на крупен дивеч.

Право на учество на јавниот повик имаат сите домашни и странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во државава и кои ги исполнуваа условите од тендерската документација. Изборот за најповолна понуда ќе се изврши по пат на јавно отворање на понудите во Министерството за земјоделство, со највисоко понуден концесиски надоместок.

Концесионерот мора да обезбеди материјално-технички можности за вршење на дејноста ловство, недвижен имот и теренски возила и оружје за ловочуварска служба. Треба да изработи Програма за развој на дивечот под заштита, да вработи најмалку едно стручно лице со завршено високо образование или со завршено средно образование од шумарска струка со положен испит по предметот ловство и да формира ловочуварска служба.

Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 15-ти јули 2024 година.

Концесиите на дивечот во ловиштата се доделуваат за период од 10 до 20 години во зависност од тоа дали се работи за ситен или крупен дивеч, а концесионерот е должен одгледувањето, заштитата и користењето на животните да ги врши во согласност со важечките закони и прописи. (Крај)

извор: МРТ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука