Претставата „Делириум Тременс“ вечерва на Охридско лето
Охрид, 16. август 2о15 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, вечерва продолжува програмата на Младо театарско Охридско лето.
Ќе биде изведена претставата претстава „Делириум Тременс“ со почеток во 21:00 часот на сцената на колонадите во предворјето на црквата Св. Софија. Претставата е во режија на Игор Трпчески од Прилеп.
– Sobria ebrietas – „трезното пијанство“, на прв поглед и во стриктно формално-логичка смисла, несомнено претставува класичен оксиморон, противречност во поимот, накусо, бесмислица. Според логичкиот закон за исклучување на третото, законот кој беспоговорно заповеда „или/или“, не можеш едновремено да бидеш и трезен и пијан: или си трезен, или си пијан! Но, животот не се управува според логичките закони, па ни според законот за исклучување на третото. Во животот може едновремено и да врне и да не врне, и во душата едновремено да е глува доба на ноќта, и блескаво пладне! Без ризик да се згреши, целиот живот може да се разбере како екстатички феномен, како експлозија на занесот, накусо, како еден непрекинат Delirium tremens, пишува за претставата Ферид Мухиќ.
Игор Трпчески е роден на 11-ти октомври 1974 година во Прилеп. Од 1998 година, работи како актер во НТ „Војдан Чернодрински“. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмска уметност во Скопје, во класата на професор Владимир Милчин во 1997, а специјализира режија во Националната академија за театарска и филмска уметност, НАТФИЗ во Софија во 2005 година, во класа на професор Крикор Азарјан. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |