ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Каралиевски: „Долго плови и на бранче распеаното рибарче“, овој стих од фестивалската химна ја содржи целата суштина на „Распеано рибарче“

Охрид, 17. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот детски фестивал „Распеано рибарче“ годинава го имаше јубилејното 25 издание.

Од самиот старт фестивалот бил поставен на висок стандард, финансиската корист не била водилка за опстојувањето, туку ентузијазмот и желбата на организациониот одбор и покрај потешкотиите со кои се соочувале низ годините. Околу 500 изведувачи настапиле досега на фестивалот, а за многу од нив тоа значеше мотив и желба да продолжат да се занимаваат со музика.

За спомените од минатите 25 години разговаравме со Јовица Каралиевски, продуцент, композитор и текстописец, кој е дел од фестивалот од самите почетоци.

Супер радио: Со фестивалот сте од самите почетоци. Ви поминаа ли брзо овие 25 изданија на „Распеано рибарче“? Верувавте ли на почетокот дека ќе прерасне во вистински бренд во градот?

Каралиевски: Фестивалот запона во далечната 1998 година и морам да признаам дека од самиот старт беше поставен на висок стандард, не беше како некои други манифестации што се развивале од многу ниско кон средно или повисоко, туку фестивалот „Распеано рибарче“ уште од неговото прво издание неговиот творец Кољчо Петкуќески го постави на високи стандарди бидејќи беше човек од естрадата, покрај неговата струја машински инженер тој сите го знаевме во Охрид и Македонија како човек што ги носи сите оние ѕвезди во летниот период, правеше повеќе манифестации, мислам една од најпознатите беше „Езерска убавица“. Имаше искуство со организиација и фестивалот од смата замисла и неговото прво издание беше феноменално организирано, како пандан на едно „Златно славејче“, не знам кој друг фестивал да го споменам во земјава, бидејќи изгледа останавме само ние толку долготрајни да му бидеме пандан, што е институционално поддржано, а сепак „Распеано рибарче“ е еден фестивал раководен сите овие години од група ентузијасти, нормално со некоја минимална поддршка од нашата општина и еве за два јубилеи наназад имам добиено мала поддршка и од министерството за култура. Фестивалот си почна уште првата година со една структура, со одбор, со конкурс распишување со примање на композиции каде сите автори, еминентни музичари од градот и од Македонија, поднесоа пријава, меѓу кои и јас, со избор на песнички, со жири, со слекција, аудиција за пејачите, буквално како што се изведува една комплетна постапка за еден фестивал. Јас се вклучив уште од самиот почеток бидејќи така годината на започнување на фестивалот се поврза со моите години на музицирање. Во тој период работев со повеќе бендови и како автор веќе имав неколку снимки изработено во студија и во Скопје и во охридските студија. Уште како тинејџер имав снимано со тинејџерска група „Искри во ноќта, имав снимено две композиции во Мешеишта, кај познатиот Бујароски, снимаел во тоа време, кај Климе егеецот, во Скопје имав снимано за Рок фест како второпласирани со „Кожи дебели“, јас веќе имав искуство од таа дејност и со мојот братучед Зоран Кречоски уште од деца одевме по тие секции, актуелен беше развојот на информатичките технологии и бевме љубители, учествувавме во секции за компјутери и веќе малку го знаевме функционирањето на таа технологија. Имавме набавено компјутер 286 или 386 не се сеќавам точно и ја импементиравме програмата digital orchestrator и sound forge, тоа беа првични пионерски софтверски решенија за да може некој да изработи музичка композиција, а да се стави тоа преку музичка картичка на компјутер. Ние вежбавме, желбата беше да ги снимиме нашите песни, имавме повеќе авторски композиции, сигурно материјал за еден албум. Во тој период јас на Радио Охрид и на ТВМ го слушнав конкурсот за „Распеано рибарче“ и покрај другото одлучив да снимам една детска песничка. Тоа беше „Глумица на мама“ и ја испратив на конкурсот и беше примена. Тогаш работев на полето на музиката но не бев познат. На тој конкурс композиции имаа реномирани професори по музика фамилија Булоски, Илија Булоски, Вера Булоска, Петар Булоски, професори од музичкото училиште, потоа Симон Костоски, Методија Баракоски, Митко Кољушески, Милчо Јованоски, Тоде Илиески и многу други, да не изоставам некој, сите луѓе што во тој момент во градов биле етаблирани музички и околу пишаниот збор и меѓу нив и јас, млад дечко со голема желба.
Мојата песна беше доделена на Јована Бандилоска, до ден денес ми е тоа драг момент, ја чувам за спомен бидејќи ми е прва песна на овој фестивал и тоа на првото издание. Оттогаш 25 години поминаа релативно и брзо и споро, поминавме навистина многу, секакви периоди, но ете успеваме да го реализираме континуирано, со еден мал пропуст од оправдани причини, заради некои состојби во земјата.

Супер радио: Колку дечиња и колку песни изминативе 25 години беа дел од сцената на „Рибарчето“?

Каралиевски: Да, ова е добро прашање и мислам дека ќе најдеме време да направиме една убава архива. Во моментов немам таква архива и конкретен податок, но ветувам дека ќе седнеме и ќе направиме еден попис буквално на сите. Според досегашни пресметки во овие 25 години мислам дека се поминати околу 500 деца, само како изведувачи, а како учесници на фестивалот имаме и танцови групи, најмалку две, а во одредени периоди сме имале и хорче што го работиме низ фестивалот, а потоа тоа хорче е и на сцената. Еве првпат ќе споменам во интервју, се сеќевам дека Стојан Златаноски го подготвуваше тој хор, тој беше една еминентна музичка личност, познат по својата тајфа. Што се однесува до бројот на песни и тие се околу 500, ете јас 200-250 сигурно имам, на некои можеби не сум комплетен автор. Гледаме во фестивалот да вклучиме повеќе луѓе, во рамки на стандардите. Во „Распеано рибарче“ песни напишале големиот Драган Мијалкоски, Гарабет Тавитјан Јуниор, Ристо Самарџиев, Владимир Дојчиноски и многу други, го виделе нашиот квалитет и решиле да учествуваат.

Супер радио: Како е да се работи со деца, колку се исполнителни во однос на пробите и настапите?

Каралиевски: За работата со деца, нема да кажам дека е тешка за да изгледа дека се жалам и правиме имиџ дека е нешто невозможно, но морам да потенцирам дека сигурно е поспецифично и не е толку едноставно. Кога имате пејач во студио, еве да го земам нашиот Ѓоко Танески, за мене лично важи за еден од најдобрите вокали во земјава, тој би ја испеал песната за половина час или помалку. Додека пак кај децата, секое едно дете е своја специфика, тука веќе малку сум станат и психолог, без да сакам, морам да го проучам детето како функционира, за да можам од него да извлечам вокал, некое е палаво, некое има талент но не искажува, значи мора да се посвети време. Јас минимум две средби имам со децата, некогаш и повеќе. На првата средба го гледам детето за да го скенирам ккаов карактер е, од тоа ќе ми зависи и типот на песната што ќе ја направам. Потоа на аудицијата ќе го чуеме и какви вокални можности има, сум имал секакви случаи. Ние не функционираме како другите фестивали, не им доделуваме на децата песни, туку имаме подетален и поусовршен принцип, ги скенираме, ги земаме во предвид нивните желби, за детето кога ќе излезе од студио да биде задоволно, бидејќи тоа настапува на сцената. Не дозволувам дете да излезе незадоволно од студио, тоа ми е принцип што сум го научил во овие 25 години.

Супер радио: Дали учеството на овој фестивал за дел од учесниците значеше мотив и желба да продолжат да се занимаваат со музика, професионално или како хоби?

Каралиевски: Има такви случаи, веројатно и повеќе се, јас не ги знам сите. Сега што се сеќавам, од првите изданија дечкото Бранко сега е виолинист професионален, предава музичко по градинките, исто се сеќавам од тие први изданија Марија Неданова заврши музичка академија, знам дека нешто и продукција мислам дека се занимава. Неа морам специјално да ја поздравам затоа што при реконструкција на домот, ги пронајде видео касетите VHS од првите изданија на фестивалот и со најголемо задоволство ми ги даде да ги чувам јас.
Би го споменал тука, знам дека исто Антонио Ристески (Тони и две жени) има музичка кариера, настапува по светот, снимаше и песни. Симона Попоска, нашата веќе етаблирана музичка ѕвезда во Македонија, покрај што е доктор, првите песнички и ги напишав јас. Има и повеќе, во моментов немам податоци можам да се сетам, знам дека многу од нив се занимаваат со музиката од аспект на формално образование, завршиле музичко, средно, академија итн. Еве една идеја за Милчо Јованоски, бидејќи тој на ова поле е поетаблиран и искусен, да се напише една монографија во која ќе прибериме доста податоци и време е да се направи тоа нешто. Годинава, на негова идеја, на песнарката додадовме нов дел, сите ние учесници, соработници и организационен одбор на фестивалот дадовме едно мини излагање, секој своето искуство, како започнал со фестивалот и како функционира сите овие години.

Супер радио: Може ли да направите споредба околу тоа колку работите се сменети од почетоците па до денес?

Каралиевски: „Рибарчето“ уште во почетоците професионално беше поставено, мислам дека Македонска телевизија го пренесуваше. Тешкотијата во тие први изданија беше во снимањето на аудио делот, дека немавме во градот каде да го реализираме. Така и јас се вклопив во фестивалот, откако влегов со првата песна, се спријателивме со Петкуќески и останатиот тим, еве да ги спомнам, Милчо Јованоски, како претставник од Радио Охрид како медиумски помагател во тоа време, Мери Димзоска и Елизабета Здравеска како кореографки, Димче Китрозоски, Ване Петкоски од Ин Тв, Зоран Левески. За аудио делот доаѓаше продуцент од Скопје, Марјан, и импровизиравме на таа тема, земавме соба во хотел „Палас“, таму доаѓаа музичарите, ја подготвувавме музиката со демо снимки, тој доаѓаше со портабл пренослива опрема. Денеска е смешно, навистина некој нема да разбере за што зборуваме, ги имам носено на дискета аранжманите… Технологијата беше таа што беше, но сепак се работеше професионално, освен делот што ни беше импровизиран. Еве ќе кажам, вокалите ги снимавме во фабриката „Отекс“, разгласната станица имаше пристојна просторија за таква намена и кога ќе се изработеа песните Марјан повторно доаѓаше и сите вокали ги снимавме тука. Тогаш се јави нашата идеја да напавиме едно такво студио, да можеме да работиме сами. Јас бев упорен на тоа поле, Коле беше перфекционист, претпазлив и повеќе години не ми ја даваше довербата за продукција на фестивалот. Но, веќе кога почнав да пишувам песни за Скопски фестивал, Макфест, Охрид Фест, кога се етаблирав на повисоко ниво на музичката сцена, тој веќе мораше да попушти. Едноставно ја стекна довербата иод 2000 година мислам дека почнавме со Димче да го снимаме фестивалот во охридска продукција.

Супер радио: Колку беше тешко да се зачува и одржи единствениот ваков фестивал во Охрид, што ја промовира детската песна? Што ви беше ѕвезда водилка сите овие години, има ли тајна да се опстои толку години?

Каралиевски: Ѕвездата водилка е енергијата. Секој што бил присутен на фестивалот, па макар и на поминување, ќе му биде јасно која е таа водилка. Има една енергија, еве годинава имавме пет претстави со полни кино сали, што и некоја најголема ѕвезда не може да ги наполни. Таа позитивна енергија на нас влијае, на тимот кој работи и тоа е нашиот фидбек, нашиот печат, доказ дека сме направиле нешто добро. Поддршка од родителите, децата, поддржани од медиумите со позитивни критики, безброј пофалби, сето ова нас нѐ исполнува за да можеме да собереме сила да го организираме и следното фестивалско издание.
А 25 години не беа ни малку лесни да се одржи во сите тие години фестивалот, затоа што како и сѐ во животот има и падови и подеми, има движење. Имало години кога таква била климата во земјата и во градот да некому не му се размислувало буквално за ништо, а камо ли за детски фестивал, но ние ете сме успеале и тогаш да го одржиме. Повторно ќе кажам, никаква финансиска корист не била водилка за ова нешто, станува збор за голем ентузијазам на членовите на одборот што го работи фестивалот. Синоќа нашата кореографка Мери имаше роденден, после фестивалот се собравме на краток разговор и евоциравме спомени за овие 25 години. Една од анегдотите што ја слушнавме беше како Елизабета и Мери за своите кореографии во првите изданија, дотолку голем ентузијазам и желба имале да се направи нешто во градов што ќе промени нешто и што ќе остане, па за секоја песна, за секоја кореографија имале посебна облека за балетските групи, а тоа се околу 50-60 деца, оделе Скопје по продавници за да набават материјали. До ден денес така се работи, балетските групи се униформирано облечени, секоја година во различен дизајн. Ставаме акцент на секој детал, годинава имавме знаменитна бројка на деца, 23 песни имавме, а настапија 30 пејачи, а специјално по повод јубилејот направив и химна со одбрани зборови што го опишуваат фестивалот во овие 25 години. Во еден краток стих од химната ја кажав целата суштина на фестивалот, а тоа е „Долго плови и на бранче распеаното рибарче“. Кратка реченица што кажува многу, дека нашето „Рибарче“ не плови само на мирни води, туку плови и кога има бранче. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука