Избор Култура Локална самоуправа Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Дводневна конференција за културното наследство и туризам во Охрид

Охрид, 17. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е домаќин на дводневна конференција за културното наследство и туризам по повод 18-ти април, Денот на културното наследство на УНЕСКО.

Пленарно предавање на конференцијата имаше Јордан Плевнеш поранешен амбасадор во УНЕСКО. Поздравни обраќања на конференцијата имаа амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркус, деканката на Факултетот проф. д-р Снежана Дическа, претседателот на научниот одбор на Институтот проф. д-р Љубен Тевдовски и градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

– Уверен сум дека презентациите на научните согледувања и дебати, кои ќе бидат дел од овој научен собир, ќе дадат значителен придонес во креирањето на нашите стратегии, особено во областа на туризмот и заштитата на културното наследство и зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО, порача во своето обраќање градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Во текот на овие два дена на конференцијата ќе се разгледуваат важни аспекти на поврзаноста на културното наследство и туризмот. Тоа се два сектори кои се навидум различни, но всушност се поврзани еден со друг. Во тој контекст, најважните меѓународни организации и институции како УНЕСКО, ИКОМОС, ИУЦН, Центарот за светско наследство, Советот на Европа, Светската туристичка организација, ОЕЦД, имаат посебни оддели и издаваат официјални документи кои се фокусираат на развивање на врските и потенцијалите на културниот туризам. Се очекува на оваа дводневна национална конференција, на кој учество ќе земат триесеттина професори и експерти од повеќе универзитети од земјата и странство, како и претставници од локалната самоуправа и бизнис секторот, да се донесат заклучоци кои ќе трасираат насоки за идниот развој и поврзување на културното наследство и туризмот преку нови и иновативни решенија, што ќе најдат примена кај сите чинители на локалниот развој, а тоа се бизнисот, јавните институции и невладиниот сектор.

Конференцијата на која учествуваат врвни експерти од повеќе области е поделена на четири дела и обработува конкретни теми за потенцијалите, перспективите и капацитетите на културното наследство, во делот на туризмот, економскиот развој, градење на брендови и следење на современите стандарди. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука