Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

По повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре слободен влез во Самуиловата тврдина, Музеј на вода, Куќа на Робевци и Галерија на икони

Охрид, 17. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – По повод 18-ти април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре ќе биде овозможен слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците низ државава.

– На археолошките локалитети и во музејските објекти Самуилова тврдина, Музеј на вода – Градиште, Куќа на Робевци и Галерија на икони влезот за сите посетители ќе биде бесплатен, информираат од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Како што информираат од Министерството за култура, утре ќе бидат отворени вратите и на Националната установа музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.

Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18-ти април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.

Секоја година темите се актуелни, и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата. Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венецијанската повелба“.

На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Сиднеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти-подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за Тригодишниот научен план 2024-2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука