Избор Култура

Изложба на академик Чемерски во Куќата на Уранија

Охрид, 28. август 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија вечерва со почеток во 21:00 часот ќе биде отворена изложбата „Tempi non passati“ на академик Глигор Чемерски. Изложбата, ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ.

Чемерски е еден од позначајните современи македонски уметници. Неговиот стил е инспириран од експресионизмот и православните икони, тој е сликар, графичар и мозаичар. Во 1962 година, првпат самостојно изложува во Скопје, по што следуваат индивидуални изложби во Охрид, Струмица, Кавадарци, Белград, Загреб, Будва, Александрија, Париз, Хаг, Вашингтон, Вилмингтон и уште во многу други градови. За редовен член на МАНУ е избран на 4-ти јуни 2012 година.

Во декември 2014 година, во галеријата на Руската академија на уметноста „Зураб Цератели“ во Москва била отворена неговата самостојна изложба „Настани и знаци на земјата македонска“. Изложбата била поставена во чест на неговата инаугурација во почесен член на Руската академија на уметностите „Императорска“, а на неа биле изложени 43 дела од различни периоди на неговото творештво.

Академик Глигор Чемерски имаше изложба во Охрид во 2012 година. Вчерашната поставка ќе биде во рамки на Научната уметничка визита што ја организира Македонската академија на науките и уметностите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави