Избор Избори 2024 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Ковачевски од Охрид: Гарантираме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра

Охрид, 19. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Јас и моите другари од СДСМ и од коалицијата за европска иднина сме подготвени да работиме ден и ноќ за да го реализираме она што стои во нашата програма. Гарантираме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ, ќе има уште поголем раст и просечната плата од 1.300 евра и минимална од 800 евра, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Охрид.

Тој додаде дека во програмата се гарантира и 20 илјади денари минимална пензија, и 30 илјади денари просечна пензија, но и многу други финансиски мерки за поддршка на пензионерите.

– Посебен дел од програмата е посветен на младите. Ќе дадеме се од себе да не дозволиме нашите млади да ја напуштаат татковината. Тоа е мојот порив, тоа е мојата мисија во наредните четири години. И од тоа нема да се откажам во ниту еден момент, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека ќе има по 200 евра месечно како поддршка за секое прво вработување на млади до 26 години и програма со субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години.

– Се грижиме и за нашите сите ученици и студенти. Ќе има бесплатен оброк, бесплатен превоз и бесплатни едукативни екскурзии за нив, бидејќи мора да го поддржиме развојот на младите во нашата држава. Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Охрид.

Тој додаде дека исто како што блокираше изминатите две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како неговиот ментор Груевски.

– Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо Наместо национално единство за мораторум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската иднина. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, порача Ковачевски од Охрид.

Јован Митрески, носител на листа од ИЕ 5 на СДСМ, пред присутните порача дека е лесно е да се изјаснуваш против Договорот од Преспа, а потоа да се фалиш дека си гласал да станеме членка на НАТО.

– Лесно е да бојкотираш, да повикуваш на бојкот на референдум, да манипулираш со граѓаните, да глумиш патриот, а со гласањето да станеме членка на НАТО да го прифатиш референдумското прашање. Лесно е со шпекулации да будиш чувства на секој Македонец за мајчиниот јазик, да зборуваш за македонски  јазик како бугарски дијалект, а да не дојдеш, да не гласаш, ниту да го поздравиш потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ, со сите земји членки вклучувајќи ја и Бугарија, кажа Митрески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука