Избор Охрид

BBC: Охридското Езеро може да пресуши доколку се гради во неговото Блато

Охрид, 9. септември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Заканата од уништување на Охридското Езеро со претерана урбанизација се најде на страниците на јулското издание на едно од најчитаните печатени списанија за див свет „BBC Wildlife Magazine“.

– Помислата дека Охрид и Република Македонија ќе останат без ова природно богатство е застрашувачка и неприфатлива како за македонската јавност, така и за меѓународната заедница, но изгледа не и за носителите на одлуки кои сè уште веруваат дека со природата може да се пазари, реагираат од граѓанската асоцијација Охрид СОС.

Оттаму потсетуват дека Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина му изнесува 155 метри, поради што е најдлабоко во Европа и 14-то најдлабоко езеро во светот. Со над 200 ендемични видови кои живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски екосистем на европскиот континент.

– И можеби токму поради овој податок, Би-Би-Си како едно од најрелевантните списанија за див свет, во своето јулско издание објави статија за заканата од уништување на Охридското Езеро. Би-Би-Си списанието за див свет се печати од 1963 година, и оттогаш па наваму објавува стручни и проверени информации за дивиот свет кој ја населува планетата Земја, велат од Охрид СОС.

Би Би Си во статијата објави дека „Балканскиот Галапагос е под закана. Домот на уникатни видови риби и полжави, Охридското Езеро може да пресуши доколку се гради во неговото Блато“.

И од охридската граѓанска иницијатива реагират и на деградацијата на Студенчишкото Блато кое како што велат е ризница на уникатна фауна, како и место за мрестење и гнездење на многу видови жив свет кои го чинат уникатниот екосистем на Охридското Езеро.

– Со новиот ГУП за Охрид 2014-2024 се планира Блатото да се исуши за да се изградат луксузни апартмани, хотел и марина. Со намалувањето/преземањето на површината на Блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните и површинските води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро) што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност на Блатото како и на самото езеро, додаваат екологистите од Охрид СОС.

Поради ова, активистите на оваа граѓанска иницијатива во јуни годинава испратија отворено писмо до градоначалникот на Охрид кое содржеше Барање за мораториум на спроведувањето на активностите кои подразбираат намалување, односно преземање на Студенчишко Блато, но како што велат оттаму, до ден-денес немаат добиено никаков одговор на барањето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука