ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Дело на Охриѓанецот Сашо Блажес меѓу 13-те финалисти од Европа за наградата Premio COMEL, Contemporary Art Award

Охрид, 16. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Делото „Под вода“ на познатиот охридски уметник Сашо Блажес е помеѓу 13-те финалисти од Европа за наградата Premio COMEL, Contemporary Art Award, Италија.

– Premio COMEL, Contemporary Art Award е годишна награда која во современата уметничка панорама е помеѓу најиновативните Европски награди денес. Специфичноста на овој овој конкурс е тоа што на него учествуваат уметници кои го користат алуминиумот како главен медиум во своето творештво.односно изборот се заснова на дела изработени во која било техника: сликарство, скулптура, дизајн, фотографија и монтажа,но кои користат алуминиум како главен и значаен елемент, открива за Супер радио и OhridPress уметникот Блажес.

Наградата за современа уметност Premio COMEL, Contemporary Art Award е родена во 2012 година во спомен на г-ѓа Вана Миглиорин, на нејзината страст за уметноста, на нејзиниот ентузијазам за поддршка на иновативни проекти. Во 1968 година, со нејзиниот сопруг Мацола Алфонсо, ја основа CO.ME.L. Commercio Metalli Latina (сега COMEL Industrie) во Латина, водечка компанија во трговијата и преработката на полупроизводи од алуминиум која ја промовира и поддржува наградата COMEL во брилијантен пример за синергија помеѓу уметноста и бизнисот.

Годинешната, единаесетта едиција на Premio COMEL е насловена „Aluminium under the surface“ и на неа учествуваа над 300 уметници од Италија, Франција, Шпанија, Германија, Грција, Бугарија, Полска, Ирска, Словачка, Холандија, но и уметници од Јужна Африка, САД, Кина и Јужна Кореја.

– Изборот го вршат пет члено жири составено од ликовни критичари, универзитетски професори и истражувачи кои преку два прелиминарнии избори избираат 13 финалисти помеѓу кои оваа година беше избрано и мое дело. За 13-те финалисти е организирана изложба која ќе се отвори на крајот на октоври во галеријата Spazio COMEL Arte Contemporanea во историскиот дел од Латина, Италија а на крај ќе бидат доделени две награди, една од стручното жири и друга од публиката, потенцира Блажес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука