Избор Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Охрид доминира во полицискиот Билтен: Пронајдена дрога, оштетен споменик, Непалци го напуштиле хотелот каде работеле…

Охрид, 25. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Настаните случени изминатите 24 часа на територијата на СВР Охрид доминираат во полицискиот Билтен, регистрирани се случаи на пронајдена дрога, оштетен гробен споменик, лица од Непал кои го напуштиле хотелот во кој работеле, повредемо лице во сообраќајна незгода…

На 24-ти септември 2024 година, во 18:45 часот на улицата „Јане Сандански“ во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид приведоа 20-годишно лице од Охрид затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24-ти септември 2024 година, во СВР Охрид е пријавено дека во охридското село Куратица бил оштетен мермерен споменик од гробно место. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24-ти септември 2024 година, во 09:45 часот во СВР Охрид е пријавено дека три лица од Непал, на возраст од 29, 22 и 20 години, го напуштиле хотелот каде биле сместени и биле вработени. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

На 24-ти септември 2024 година, во 13:40 часот, на крстосница на булеварот „Јане Сандански“ со улицата „Галичица“ во Охрид, 60-годишно лице од Охрид, управувајќи мопед марка „Пежо“ со охридски регистарски ознаки, во обид да избегне директен судар со патничко возило, кое претекнувало друго возило, изгубил контрола и паднал на коловоз. Притоа, тој се здобил со тешки телесни повреди констатирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај презема мерки за пронаоѓање на возачот на патничкото возило кој не застанал да му пружи помош на моторциклистот, туку веднаш го напуштил местото, по што ќе биде поднесена соодветна пријава. Увид на местото на несреќата извршија полициски екипи. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука