Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Мастерклас со Василка Димитровска за интерпретација на наследството базирано на вредности според критериумите на УНЕСКО

Охрид, 27. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник, на 30-ти септември 2024 година, во организација на Националниот парк „Галичица“, во нивниот Инфоцентар ќе се одржи настан за интерпретација на наследството базирано на вредности според критериумите на УНЕСКО.

– По три години тестирање, Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, го усвои пристапот на Interpret Europe, официјално признавајќи го како „интерпретација на наследството базирана на вредности“ (value-based heritage interpretation). Ова признание доведе до лансирање на заедничката иницијатива „Learning Landscapes“, со цел да се поттикне подлабоко ангажирање со наследството преку едукативни програми кои се усогласени со целите за одржливост. Настанот е составен од два дела. Во првиот дел преку презентација ќе биде објаснето што се подразбира под интерпретација на наследството базирано на вредности, а вториот дел ќе биде отворен за дискусија и одговарање на прашањата на сите заинтересирани.
Интерпретацијата е моќна едукативна, комуникациска и визуелна алатка која буквално го оживува наследството пред очите на посетителите. Притоа им овозможува на учесниците да создадат подлабока врска со локалното презентирано наследство, ги инспирира и ги потикнува на одржливост локалните заедници кои се грижат за него и најсетне со интерпретациските алатки и методи се зачувува природното и културното наследството за идните генерации, информираат организаторите.

Оваа работилница е наменета за сите професионалци од областа на природното и културното наследство, индивидуалци и претставници на институции, како и организации или неформални иницијативи кои учесниците ги застапуваат, како што се: музејски работници, професионалци од областа на туристичката индустрија и туристички водичи, едукатори од сите фази на формалното и неформалното образование, еколози, вработени во националните паркови и заштитени подрачја, носители на наследство на УНЕСКО, членови на Slow Food мрежите и сите останати неспоменати професионалци кои ги допираат овие области.

Мастеркласот кој ќе се одржи во периодот од 10:00 до 12:00 часот ќе го води м-р Василка Димитровска, креативен директор на ХАЕМУС, сертифициран тренер по интерпретација на наследството од страна на Interpret Europe и УНЕСКО и креатор на едукативните програми Storytelling Skopje и Storytelling Macedonia. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука