Охрид, 21. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од Европската недела на мобилност се одбележува Светскиот ден без автомобили, кој треба да ги инспирира граѓаните да замислат град предводен од луѓе, а не од автомобили.
– За ефикасно подигнување на свеста кај возрасните, ние започнуваме со најмладите, кои ќе водат со пример, демонстрирајќи како сите можеме да бидеме совесни и одговорни во заштитата на животната средина. Во насока на оваа цел нашето училиште во соработка со претставници од СВР Охрид – Отсек за сообраќај и превенција, организиравме возење велосипед на учениците заедно со нивните наставници, со што ја нагласивме важноста на безбедно возење велосипед и вклученост на заедницата, велат од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид.
Додаваат дека со вклучување на учениците во активности за возење велосипед, како наставници играат клучна улога во обликувањето на општествено одговорните лекции додека промовираат здрави навики.
– Овие активности ја истакнуваат вредноста на одржливиот транспорт и ги поттикнуваат учениците да бидат дел од борбата против климатските промени. Освен позитивното влијание врз животната средина, возењето велосипед поттикнува физичка кондиција, ментална благосостојба и свесност за безбедноста на патиштата за сите. Кога ќе го вклучиме возењето велосипед во секојдневните рутини на учениците уште од рана возраст, имаат поголема веројатност да создадат еколошки свесни навики кои долгорочно ќе им користат и нив и на општеството, потенцираат од училиштето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива