ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Унгарската делегација предводена од Виктор Орбан го напушти Охрид (Фото/Видео)

Охрид, 27. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под засилени мерки на безбедност, високата унгарска делегација, предводена од премиерот Виктор Орбан, вечерва, нешто по 19:15 часот го напушти Охрид.

Сообраќајот во централното градско подрачје и по должината на булевар „Туристичка“ беше блокиран и со засилено присуство на полицијата.

Орбан беше во Охрид од вчера, а денеска по заедничката седница на двете влади порача дека смета дека е „историска грешка на квадрат“ што Македонија се одвои од Албанија во преговорите со ЕУ и се понуди да биде посредник меѓу Скопје и Софија.

Посетата на Република Македонија тој ја започна вчера, на 26-ти септември, денот кога од Брисел стигна веста за одвојувањето на Тирана и Скопје во преговорите со ЕУ. Тој оцени дека ваквиот потег е „историска грешка на квадрат“, а како премиер на земјата која претседава со Унијата, тој се понуди и за посредник меѓу Македонија и Бугарија.

– Јас имам свој предлог и му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека ние сме подготвени да го искористиме претседавањето со ЕУ и да посредуваме во ова прашање. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да посредуваме, рече Орбан додавајќи дека се работи „да се најде решение кое ќе им одговара и на Македонците и на Бугарите“.

Орбан додаде дека националната гордост е најважна за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Македонија.

– Тоа создава рани. Голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира, истакна Орбан.

Заедно со премиерот Христијан Мицкоски, тој денеска положи свежо цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во Охрид, а ја посетија и црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, за која истакнаа дека е „место преполно со историја и духовно наследство“. Орбан уживаше и во прошетка со бродот „Армада“ и го виде Охрид и неговите убавини од поинаква перспектива, од водите на Охридското Езеро.

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука