Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на срцето, охридскиот кардиолошки центар останува силно на браникот на кардиоваскуларното здравје

Охрид, 29. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – 29-ти септември е Светскиот ден на срцето. Се одбележува ширум светот со цел постојано да се подигнува свеста за зачестеноста на кардио-васкуларните заболувања, за сите потенцијални ризици и исходи кои овие заболувања ги носат со себе, и секако за соодветна грижа и заштита на кардиоваскуларното здравје.

ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид е формирана во 1982 година, прераснувајќи во респектибилен регионален кардиолошки центар каде се лекуваат и рехабилитираат пациенти од Македонија и соседните држави. Главна активност на Институтот е третман и рехабилитација од коронарните заболувања, вклучувајќи: рехабилитација на пациентите со акутен миокардитис како и на пациентите после извршен бај-пас оперативен зафат(оперативна реваскуларизација), рехабилитација после извршен третман со раширување со балон (PTCA), третман на пациентите на кои им е имплантиран пејсмејкер, постоперативен третман на пациентите со здобиени или вродени коронарни заболувања, третман на лицата кои страдаат од хипертензија и периферни циркулациони заболувања како и третман на други типови заболувања на пациенти врз кои не е извршен оперативен зафат со здобиени или вродени коронарни заболувања. Болницата исто така нуди услуги од типот на амбуланта како и поликлинички испитувања на неинвaзивната кардиологија и има единица за интензивна коронарна грижа (ICU) која е опремена со систем за континуирано набљудување на пациентите.

Oваа година ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања Охрид, во соработка со Крка-Фарма ДООЕЛ Скопје, во чест на Светскиот ден на срцето, организира настан чија цел е подигање на свеста на граѓаните на општина Охрид за значењето на покачениот крвен притисок и дислипидемијата како два најчести ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања кај луѓето.

– Во просториите на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид, планирано е да се спроведат активности кои ќе опфатат мерење на крвен притисок и скринирање на кардиоваскуларниот ризик кај луѓето, проследени со споделување на совети и информативни материјали од страна на доктори од болницата и претставниците од Крка-Фарма ДООЕЛ Скопје. Активностите ќе се реализираат во понеделник, на 30-ти септември 2024 година, во периодот од 09:00 до 12:00 часот, информираат организаторите.

Кардиоваскуларните болести се причина за секои 4 смртни случаи од 10 во Европа, што значи дека 10.000 луѓе умираат од овие болести секој ден на европскиот континент, а четири милиони годишно, објавија од Светската здравствена организација (СЗО), советувајќи ги Европејците да консумираат помалку сол. На Стариот континент, секој трет возрасен на возраст меѓу 30 и 79 години страда од висок крвен притисок, кој често е резултат на прекумерна потрошувачка на сол. Европа има највисока преваленца на висок крвен притисок во светот, а мажите имаат двојно поголем ризик да умрат од кардиоваскуларни болести отколку жените.

Република Македонија е земја со многу висок ризик за кардиоваскуларни заболувања и од особена важност е да се подигне свеста кај луѓето, во интерес на намалување на кардиоваскуларниот ризик и превенција на сериозни кардиоваскуларни заболувања.

Најчести фактори на ризик, покрај генетските предиспозиции, се пушењето, вишокот телесна тежина, зголемениот крвен притисок и маснотии во крвта, потоа дијабетесот особено ако е нерегулиран, и изложеноста на хроничен стрес. Освен наследниот фактор, останатите ризик фактори можат да се модифицираат, односно со нивно навремено идентификување и лекување, ризикот за несакани кардио-васкуларни настани се намалува.

Светската федерација за срце (World Heart Federation) објави дека причините за дури 25% од смртните случаи на кардиоваскуларни пациенти во светот се директно поврани со загадувањето на животната средина или воздухот. Хроничното загадување на воздухот и постојаната изложеност на луѓето во зимските месеци е голем ризик фактор за појава на кардиоваскуларни заболувања и зголемена стапка на смртност. Штетното влијание се манифестира преку директно оштетување на ендотелот на крвните садови и предизвикување на хронична инфламација, што е причина за формирање и напредување на атеросклеротичните плаки на крвните садови.

Современата технологија во форма на современа медицинска опрема во последните децении доведе до попрецизна дијагностика на различни патолошки состојби поврзани со срцето и крвните садови. Од друга страна, иновативните технолошки можности значително ги подобруваат модалитетите на лекување на овие пациенти. Современата технологија овозможува широка достапност на различни апликации кои имаат за цел да промовираат здравје и здрав начин на живот како бројачи на чекори, потрошувачка на калории, упатства за здрава исхрана итн.

Затоа да бидеме мудри, да го сакаме нашето срце и да одиме на редовни годишни превентивни кардиолошки прегледи, мажите над 40 и жените над 50 годишна возраст. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука